До Собранието барање за апанажа поднеле 44 пратеници од минатиот состав, а се уште трае рокот за поднесување барање за надомест по престанок на функција од поранешните министри, информира претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој вели дека доколку добие предлог од Владата за укинување на патните трошоци на сите избрани и именувани функционери, вклучувајќи ги и пратениците ќе достави предлог до пленумот за гласање.
Но, Џафери не очекува такво нешто, иако во јавноста некои пратеници најавуваа дека ќе се откажат од патните трошоци.
Според него, поединечно барање на пратеник или фунционер се коси со Уставот.
„Ако сакаат да доаѓаат со тротинет, ќе им обезбедам паркинг на пратениците“, вели Џафери на брифинг со новинарите, додавајќи дека доколку функционерите сакаат да се откажат од службените возила нека одат на работа со тротинет.
Претседателот на Парламентот смета дека 120 пратеници се избрани од граѓаните и оти во јавноста се создава впечаток како пратениците да се злото од општеството и оти се лошо потекнува од Собранието и пратениците.
Тој се согласува со новинарите дека треба да се доуредат законските одредби за да се одбегне секаква можност за злоупотреби.
Во однос на седница за избор на потпретседатели на Собранието, Џафери рече дека ќе ја свика само откако до него пратеничките групи ќе достават формален предлог.
Во однос на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека за разлика од минатиот состав, сега тие доаѓаат на координациите со претседателот на Собранието.
Во меѓувреме, се работи и на барање на алтернативен начин за одржување на седници во вонредни услови односно онлајн седници и комисии и гласање, но Џафери на брифингот рече дека за тоа ќе бидат потребни два до три месеци. Сега засега седниците ќе се одржуваат во салата со Купола, а гласовите ќе се бројат рачно.
МИА