Пратениците од БЕСА кои во Собранието влегоа преку листите на СДСМ денеска преку допис го известиле собранискиот претседател Талат Џафери дека ќе дејствуваат во рамки на коалицијата „Можеме“ со СДСМ, но како независни.
Тие, како што потврдуваат од Кабинетот на Џафери за МИА, го информирале претседателот на Собранието, дека со ова нема да се промени ништо во функционирањето на Коалицијата, туку само сакаат да се водат како независни пратеници од партијата БЕСА.
БЕСА, бидејќи има само четворица пратеници, не може да формира пратеничка група и затоа овие пратеници ќе се водат како независни.
Минатата недела до собранискиот спикер Талат Џафери стигнаа известувања за формирање четири пратенички групи и тоа на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, од ДУИ, од коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ и од коалицијата Алијанса и Алтернатива за Албанците.
За да се формира пратеничка група според собранискиот деловник потребни се најмалку пет пратеници. Координаторите на пратеничките групи учествуваат на состаноците кај собранискииот спикер за текот на седниците и точките на дневен ред.
МИА/Фото: Влада