еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Средношколците ќе ја бојкотираат наставата ако за еден месец не почне да се применува комбиниран модел

Од Сојузот на средношколци денеска соопштија дека Владата не го прифатила нивното најважно барање, учебната година да започне со комбиниран модел на настава, истакнувајќи дека месецов ќе ја следат состојбата со епидемијата и ако е стабилна ќе бараат тој модел да се примени од ноември.

Доколку не се исполни нивното барање, средношколците ќе ја бојкотираат наставата.

„Нашето најважно суштинско барање, учебната година да започне со комбиниран модел не е прифатено од органите за образование и Владата. Сојузот на средношколци веќе со недели е во постојан контакт со средношколци од сите градови и постигнавме консензус за следните чекори на Сојузот.

Направивме компромис почитувајќи ги епидемиолозите, учебната година да започне од далечина, но доколку епидемиолошката состојба во текот на месец октомври е стабилна, тогаш учениците треба постепено да се враќаат во училиштата со комбиниран модел, во случај тоа да не се случи, секој ученик ќе ја бојкотира онлајн наставата во ноември. Ова не треба да се сфати како компромис, туку како ултиматум од еден месец до министерката Царовска и министерот Филипче“, потенцираа од Сојузот на средношколци.

Средношколците сметаат дека затворањето на училиштата ги продолабочува нееднаквостите, бидејќи околу 40.000 ученици во РСМ немаат потребни финансиски средства за учество во процесот за учење на далечина.

Тие ги пофалија чекорите на образовните власти кон подобрување на онлајн наставата преку создавање на националната платформа за учење на далечина, односно од дома, но констатираа дека, доколку утре, кога започнува учебната година, платформата не е функционална, некој треба да преземе одговорност за тоа.

„Ние немаме реагирано досега за националната платформа, бидејќи сакаме да почекаме до утре како ќе започне учебната година од далечина. Ако платформата не е функционална ние ќе бараме некој да преземе одговорност, не може да се „игра“ со образованието. Од април имавме многу време да се подготвиме и сега не може платформата да не биде функционална“, посочија од Сојузот.

Од Сојузот наведоа дека во последните неколку недели направиле големи напори да се разгледаат барањата на учениците во земјата за комбинираниот модел на наставата и да се прифатат од институциите.

„Голем број барања се веќе примени од страна на Владата. Нашето прво барање учебната година да започне на 1-ви октомври, беше прифатено. Практичната работа во средните стручни училишта ќе се спроведува со физичко присуство.

Прифатено е барањето за децетрализиран пристап да училиштата, заедно со општините можат да одлучуваат за начинот на започнување на новата учебна година, во средните музички училишта да се избегнуваат активностите со музички хорови и отворање со половина капацитет на интернатите за средношколците“, информираа од Сојузот.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Охрид 78 активни случаи на коронавирусот, во Струга двојно повеќе

Редакција

Царовска очекува враќање на сите ученици во училиштата, но подготвени се уште две други сценарија

Редакција

Хорор во Прилеп: Тренер по џудо обвинет за обљуба на малолетнички

Редакција