Северна Македонија постигна добар напредок во однос на борбата против корупцијата и во оваа област има одредено ниво на подготвеност. Корупцијата, сепак, е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Земјата воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси. Во однос на борбата против организираниот криминал, законската рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Ова се клучните елементи што се наведени во Извештајот за напредокот на Северна Македонија.
-Судскиот систем на Северна Македонија има одредено ниво на подготовка/е умерено подготвено. Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото, стои во Извештајот.
Се нотира оти сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет попроактивно ја извршува својата улога.
-Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки.
Треба да обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидат понатамошни промени во оваа област. Законот за јавно обвинителство стапи во сила во јуни 2020 година. Целта на законот е, меѓу другото, да обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување, стои во Извештајот.
Што се однесува до борбата против корупцијата, се наведува натаму во документот, Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност/е умерено подготвена, а постигнат е добар напредок преку консолидирање на своето досие во истрагата, гонењето и судењето случаи на висока корупција.
-Државната комисија за спречување корупција е особено проактивна во спречувањето корупција и отвори голем број случаи, меѓу кои и такви што вклучуваат високи функционери од целиот политички спектар, во согласност со минатогодишната препорака. Продолжуваат напорите за натамошно процесуирање на случаите на Специјалното обвинителство и за утврдување одговорност за незаконското прислушување.
Поранешната главна специјална обвинителка беше осудена во јуни 2020 година, со првостепена пресуда во таканаречениот „случај рекет“ во врска со наводно изнудување и злоупотреба на службената положба во врска со случај на Специјалното обвинителство. Корупцијата е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата, стои во Извештајот.
Натаму се нотира дека земјава има одредено ниво на подготовка во борбата против организираниот криминал и дека законската рамка е во голема мера во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат.
-Постигнат е одреден напредок во исполнувањето на минатогодишната препорака за формирање канцеларија за враќање на имот во согласност со законодавството на ЕУ. Канцеларијата сега ќе мора да го покаже својот капацитет за поддршка на проактивна политика за конфискација на имот. Земјата е вклучена во проценка на закана на регионално ниво и ќе мора да го прошири својот опсег во согласност со практиките на ЕУ.
Има одреден напредок на оперативно ниво, но треба да се стори повеќе за да се подобри ефикасноста на спроведувањето на законот во борбата против специфични форми на криминал, како што се перење пари и финансиски криминал, се наведува во документот.
Европската комисија наведува дека Северна Македонија е умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација.
-Постигнат е одреден напредок во подобрување на транспарентноста, со усвојување на Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, операционализација на порталот за отворени податоци на владата и објавување на податоци за владините трошоци. Извештаите за мониторинг за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација и Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии беа изготвени и придружени со соодветни видливи активности, се наведува во Извештајот.
Во документот стои дека останува од суштинско значење да се осигура почитување на принципите на транспарентност, заслуги и правична застапеност.
-Државната комисија за спречување на корупција продолжи да работи на наводите за непотизам и политичко влијание во процесот на вработување во јавниот сектор. Треба да се обезбеди соодветно следење на извештаите и препораките на Државната комисија, се нотира во Извештајот.
Во однос на слободата на изразување, земјата има одредено ниво на подготовка/е умерено подготвена во оваа област, наведува Извештајот.
-Целокупната состојба и климата во која работат медиумите остануваат генерално погодни за слободата на медиумите и овозможуваат критичко известување од страна на медиумите, иако имаше некои зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19 и во контекст на изборите. Потребно е да се интензивираат напорите за саморегулација за да се поддржи напредувањето во професионалните стандарди и квалитетот на новинарството, се наведува натаму во Извештајот.
Се нотира оти важно е да се обезбеди поголема транспарентност на рекламирањето во медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија.
-Потребни се одржливи решенија за да се обезбеди независност на јавниот радиодифузен сервис, професионални стандарди и финансиска одржливост. Од суштинско значење е да се продолжи со поддршка на плурализмот во медиумите, промовирање на професионализам, непристрасно известување и истражувачко новинарство и градење отпорност за ефикасна борба против дезинформации. Финансиската одржливост на независните медиуми и условите за работа на новинарите остануваат предизвик, стои во документот.
Во однос на регионалната соработка, ЕК наведува дека земјата ги задржа добрите односи со другите земји опфатени со проширувањето и активно учествуваше во регионални иницијативи.
-Важно е да се продолжи со имплементација на билатерални договори, вклучително и договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, нотира Извештајот.
Во однос на граѓанското општество, се наведува оти тоа останува активно и игра клучна улога во процесите на креирање политики и одлуки, но потребни се напори за да се обезбеди позначаен и навремен процес на консултации.
Извештајот на ЕК заклучува дека во наредниот период потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација и оти земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Клучни наоди од Извештајот на Европската комисија за Македонија за 2020 година
МИА