Општата болница со проширена дејност во Дебар, интерното го трансформира во инфективно одделение и во него веќе се примаат првите пациенти со Ковид-19, изјави за МИА, Баки Халили директор на болницата.
„Поради познатата епидемиолошка состојба во државава и во нашиот регион, одлучивме интерното да го претвориме во инфективно одделение, со засебен влез од задната страна на болницата. Ангажирани се осум лекари и исто толку медицински сестри и се обезбедува 24 часовна услуга за пациентите,“ додава Халили.
Во исто време, според него, непрекинато до 22 часот работат и лабораторијата и ренген службата, кои се снабдени со сите потребни реагенси и медицински материјал.
„Моментно со редовна терапија имаме седум ковид пациенти, а денска имавме и десеттина за контролни прегледи. Доколку има потреба, а се надевам дека не, ќе го оспособиме и хирушкото одделение,“ нагласува Халили.
Посочува дека болницата повеќе од осум месеци се бори со невидливиот непријател и оти од почетокот на пандемијата, како мала болница, адаптирала три простории каде се примаат лица со клиничка слика на Ковид-19 и според епидемилошката анкета а во консултација со инфектолог примале терапија, додека оние со лесна форма биле во домашна изолација.
Во општините Дебар и Центар Жупа од почетокот на пандемијата до вчера, според официјално соопштените податоци заразени се вкупно 386 лица, починаа 18, додека активни на болеста се 75.
Во последните десеттина дена бројот на новозаразените е над 40 лица.
МИА/Фото: Општина Дебар