Пратеничката Соња Михаиловска од Делчево активно се вклучува во борбата против Ковид-19. За својата одлука Михаиловска вели дека сега е моментот кога како лекар, треба да го стави слободното време на располагање на Здравствениот дом и граѓаните на Делчево.
„Од денес се пријавив да волонтирам во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ – Делчево. Сметам дека сега е моментот кога треба да дадам свој дополнителен придонес како доктор, иако сум пратеник во Собранието.
Во зависност од обврските кои ги имам во Собранието, слободното време го ставам на располагање да им помогнам на моите колеги доктори и на моите сограѓани. Ќе бидам на располагање, сегде онаму каде што е потребно, како за потребите на матичните лекари, така и за Итната медицинска помош и секаде онаму каде што е потребно, истакна Михаиловска.
Очекува слични гестови и од другите нејзини колеги.
„Овој мој гест се надевам дека ќе биде пример и за останати колеги кои се наоѓаат во слична ситуација и на кои времето ќе им дозволи да помогнат во работатата на здравствените домови, додаде Михаиловска.
Соња Михаиловска како кандидат за пратеник на СДСМ на претходните избори беше 6-та на листата во Третата изборна листа, со што успеа да се избори за место во Парламентот.
Има долгогодишно работно искуство во Здравствен дом „Гоце Делчев” каде долги години работеше како матичен лекар.
МИА/Фото: Фејсбук/Михаиловска