еМагазин
Image default
Бизнис

Штедачите од „Еуростандард банка“ бараат правда пред Уставниот суд: Да се спречи двоен грабеж на 2.700 граѓани и фирми

Во потрагата и борбата за правда и правичност, оштетените депоненти на Еуростандард банка се исправени пред уште еден голем предизвик, соопштија од Здружението на оштетените штедачи од „Еуростандард банка“.

„Имено, тој се однесува на нивното барање за правда и правичност со поднесената иницијатива за поведување на постапка до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, со којшто се дава предимство за целосно подмирување на побарувањата на државниот Фонд за осигурување на депозити од стечајната маса пред побарувањата на сите останати доверители.

Ставот на Здружението на физички и правни лица депоненти на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ е дека овој член прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, бидејќи врз основа на оваа одредба се фаворизира побарувањето на Фондот за осигурување на депозити наспроти сите други доверители“, информираат од Здружението.

Оттаму додаваат дека како оштетени депоненти во пропаднатата банка, преку 700 физички лица и семејства и околу 2.000 фирми се соочуваат со неможност да ги наплатат своите побарувања од стечајната маса поради загубите на банката во направените ултра ризични пласмани со непокриени кредити односно ненаплатливите или тешко наплатливи кредити.

„Воедно, ваквата поставеност на Фондот не само што прави нееднаквост и дискриминација према сите други доверители туку и дава многу лагодна позиција на истиот да ги наплати неговите побарувања кои се единствено можни да се наплатат од стечајната маса на банката.

Од друга страна, сите останати физички и правни лица депоненти на банката, ќе бидат оставени на немилост на системот којшто не само што не не заштитил од грабежот во банката на време туку и на ваков начин би дозволил и да бидеме целосно оштетени. Еднаш оштетени од грабежот во банката и повторно оштетени преку стечајната постапка!

Финанските средства со кои располага Фондот всушност, во најголем дел, произлегуваат од депозитите во банките и штедилниците. Тоа не се државни пари туку тоа се пари кои се добиени врз основа на депозитите во банките, а самите банки се должни, врз основа на закон, да уплаќаат премија во Фондот како осигурување од несакан настан односно стечај на банка“, велат од Здружението.

Оттаму потенцираат дека во уште поголема нееднаквост и дискриминација се правните лица – фирми.

„За нив нема вооппшто било какво осигурување и обештетување во случај на стечај на банка како што е тоа предвидено за физичките лица со обештетување до 30.000 евра. Фирмите се законски обврзани да работат исклучиво и само преку банкарскиот сектор, користејќи ги услугите на банките.

Во случај на пропаѓање на банка, како што е сега актуелниот случај со Еуростандард банка, сите пари што ги имаат фирмите во конкретната банка, било како орочени депозити или пари на тековна сметка, им се заробуваат и во овој случај тешко може да ги наплатат. Тие се навистина дискриминирани од страна на Фондот.

Зошто Фондот да има право на наплата на своето побарување пред сите доверители, кога фирмите – депоненти не се претходно обештетени, туку своето побарување го реализираат единствено преку постапката за стечај?

Зошто Фондот да има предност и пред фирмите во целосно намирување на своите побарувања од стечајната маса? Која е законската и уставна основа за вакво дискриминаторно решение?

Овој член во Законот за банки не само што е во спротивност на одредбите од Законот за Фондот и Законот за стечај, но ги доведува во прашање и гаранциите за основните слободи и права на физичките и правни лица во земјава, односно е во спротивност со темелните вредности дефинирани со Уставот на РСМ.

Во други земји имаат поинакви решенија од решението во член 163 став 3 од Законот за банки. Како пример е Република Хрватска од каде во најголем дел е превземен нашиот Закон за банки. Но, според Законот за банки на Хрватска, Фондот (во тамошниот закон „Државна агенција“) не само што нема приоритет за наплата, туку не е ниту во ист ред, односно редоследно за наплата е зад депонентите – физички и правни лица.

Бараме правичност, еднаквост и недискриминација во намирувањата на средствата од стечајната маса. Парите на Фондот не се повредни и поважни од нашите пари. Законот за банки не смее да врши дискриминација и оштетување на граѓаните и фирмите бидејќи сите сме еднакви пред законите и уставот во оваа земја.

Се надеваме и очекуваме дека час поскоро Уставниот суд ќе донесе привремена мерка за извршување на сите подзаконски акти или дејствија што се превземени со дадениот член од Законот за банки се до носење на конечната одлука на судот по ова прашање.

Воедно, се надеваме на правичност во постапката и одлука за укинување на членот 163 став 3 од Законот за банки. На тој начин ќе се спречи да се нанесе ненадоместлива штета на сите депоненти – физички и правни лица за правична наплата на побарувањата од стечајната маса.

Таквата одлука ќе покаже дека правната држава се грижи за интересите на своите граѓани и фирми и истите е спремна да ги заштити тогаш кога им е нанесена штета не по нивна вина. Со тоа добиваме сите во државата, а пред се добива правдата и правниот систем. Веруваме дека со правилна одлука на Уставниот суд сите ќе бидеме победници“, велат од Здружението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Трифун Костовски и Гале Галев заминуваат од Надзорниот одбор на Еуростандард банка

Штедачите од Еуростандард „вперија прст“ кон Народната банка: Како не видовте дека се делат сомнителни кредити?

Промени во Надзорниот одбор на Еуростандард банка неколку месеци пред затворањето

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Запален и автомобилот на извршната директорка: Притисоци и закани кон раководството на ССК

Редакција

Кои се хотелите кои најмногу „ќариле“ од ваучерите за поддршка на домашниот туризам

Редакција

Расте бројот на должници, покажува новата листа на УЈП

Редакција