Во интерес и на Скопје и на Софија е целосно да се спроведе Договорот за пријателство и да се надминат недоразбирањата, а Северна Македонија и целиот регион да бидат дел од ЕУ. Наследивме ситуација која не беше во прилог на пријателството меѓу Македонците и Бугарите. Најлесно е ситуацијата да се остави така или да се влоши, но треба да бидеме храбри и да ги подобриме работите. Тврдам дека двата народа се многу блиски и го сакаат најдоброто едни за други, истакнува меѓу другото премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС.
„Ние сме целосно подготвени да ги исполниме нашите обврски, а Бугарија се обврза да ги исполни своите. Само спроведувањето на Договорот е начин да се изгради уште поголемо пријателство и соработка меѓу двете земји“, изјави Заев.
Факт е, вели, дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик и тоа е право на самоопредлување, а Бугарија како прва земја што ја призна нашата независност, признавајќи го суверенитетот и државата, го призна и нашето право на самоопределување.
„Значи, тука нема сомнеж – дека сме Македонци и зборуваме македонски, тоа е факт. На крајот на краиштата, тоа е чувство, правилно е. Секој може да се дефинира како што сака, како што се чувствува, итн.
Вие знаете дека имаме многу националности, освен Македонците – Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Роми, имаме и Бугари кои живеат во земјата. Тие се наши граѓани и се добар мост за соработка меѓу двете земји и верувам дека во иднина она што треба да го разјасниме пред сè е тој историски момент, но низ призмата на пријателството.
Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат“, истакнува Заев.
За отворените историски прашања, смета дека можат да бидат надминати, пред се од историчарите.
„Историјата може да биде добар мост за пријателство и соработка. Се надевам дека целиот овој процес ќе заврши успешно и што е можно побрзо, за да може сè да се отвори до крај и да се види дека Бугарија е голем пријател на Македонија.
Отсекогаш била и сега е. Дефиниравме заедничка прослава за историски личности од средниот век, за Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум, имаме записници.
Верувам дека двете земји се подготвени да ги објават, затоа што мора да ги вклучиме во учебниците. Бидејќи новите генерации не ја знаат целата оваа реалност, а таа мора да не обединува.
И во Северна Македонија и во Бугарија, тоа влијае на луѓето на многу погрешен начин. Треба да го смениме тоа. Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата, каде што беше напишано „бугарски фашистички окупатор“. Зашто тоа не е така – Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател.
Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, a после тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата, за демократијата, и апсолутно е дел од антифашистичкиот фронт“, истакнува Заев.
Вели дека минатото оставило многу неправди во Македонија за време на поранешна Југославија и за време на комунизмот.
„Многу граѓани доживеале неправда, вклучително и Бугари и други. И сето тоа се одрази врз македонската нација. Но, мора да признаеме дека од 2017 година отворивме многу добра перспектива. За жал, од овие 3 години, една година помина во корона криза.
Имаше избори во Македонија, се случија многу работи. Имаме теми на кои можеме да соработуваме во иднина и верувам дека само пораките за пријателство имаат корист за граѓаните на двете земји“, изјави Заев.
За заедничката историја и за Гоце Делчев, смета дека не треба да ги дели, туку да ги обединуваат граѓаните на двете земји – Бугарите и Македонците.
„Заедничката, општата историја е задничка и општа и треба да ја оставиме да не сплотува, граѓаните и Бугари и Македонци да си ја чувствуваат за своја. Затоа, ако го немаше Гоце Делчев, ќе требаше да го измислиме за да не обедини.
Зашто историјата е заедничка во еден минат регион, територијата на регионална Македонија, каде што живееле Македонци кои зборувале македонски. Живееле и Бугари кои зборувале бугарски. Живееле луѓе кои се чувствувале истовремено и Бугари и Македонци. И ова е апсолутно право.
Ние, двете земји, мора да бидеме доволно паметни да ја искористиме оваа заедничка историја за да изградиме мостови на пријателство. Затоа велиме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел и за слободата на Македонија, и за Одринско и за сè. И тоа е апсолутна реалност“, вели Заев.
На бугарските забелешки за наводни претензии од Скопје во контекст на скратеното име Северна Македонија и за малцинство во Бугарија, Заев нагласува дека „не само што немаме територијални претензии, туку немаме ниту малцински претензии“.
„Затоа, ние кажавме дека немаме територијални или малцински претензии, дека името Северна Македонија се однесува на Република Северна Македонија. Испративме документ што не е само за премиерот Борисов или за министерката за надворешни работи Захариева, туку за граѓаните – за Бугарите и Македонците да знаат што се случува.
Во него напишавме дека немаме територијални претензии и дека нема да се мешаме во внатрешните работи. Во тој документ, јасно ставаме до знаење дека немаме малцински претензии. Овој меморандум мора да биде одобрен од двете меѓувладини комисии.
Владата на Република Северна Македонија ќе го објави во Службен весник со цел да има правно дејство за негово спроведување. Ние исто така понудивме и патоказ за спроведување на Договорот за добрососедство, во кој кои го прецизираме нашиот ангажман за негово исполнување,“ изјави Заев.
Во интервјуто тој посочува дека за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ, премиерот Борисов и целата бугарска влада покажале големо европско лидерство на Балканот и смета дека тоа мора да остане така.
„Во интерес на Бугарија, Македонија и Западен Балкан е да бидат дел од ЕУ, бидејќи тоа е единствениот правилен пат за целиот регион. Верувам дека ќе продолжиме по овој пат, бидејќи само тој е вистинскиот.
Сакам да испратам порака не само до премиерот Борисов, туку и до претседателот Радев, до нашата сестринска партија БСП да се изградат мостови на пријателство, да се најде начин.
Затоа, ние изјавуваме дека немаме територијални или малцински тврдења дека името Северна Македонија се однесува на Република Северна Македонија, затоа дадовме предлог бугарските авиони да го чуваат македонското небо.
Затоа објавивме патоказ за преземање обврски што ќе имаат правно дејство и ќе бидат од корист за граѓаните и на Македонија и на Бугарија“, порачува Заев.
Секое одложување и блокада, според него, ќе доведе до негативни реакции и говор на омраза и затоа политичарите треба да работат за надминување на недоразбирањата и слабостите од минатото и да се насочат кон иднината.
За однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во однос на релациите со Бугарија, Заев рече дека тие едно зборуваат кога се надвор, а друго дома дома, тоа го правеле кога беа на власт, а го прават и сега како опозиција.
„Постигнавме договор со Бугарија, го постигнавме Договорот од Преспа со Грција. Ги решивме прашањата меѓу двете најголеми заедници во земјата, Македонците и Албанците. Тие не учествуваа во ништо и само создадаваа проблеми.
За нив колку е полошо за државата толку е подобро за нивната партија. Ги поканувам насекаде, им ги давам сите можни аргументи и информации, само за да застанат заедно во интерес на државата.
Деновиве Антонио Милошоски, Христијан Мицкоски, Александар Николоски, тоа што го прават во Собрание, тие инстистираат да одиме таму и да правиме кавга“, вели Заев.
Прашан дали ВМРО-ДПМНЕ е истото од времето кога беше потпишан на првиот договор со Бугарија во 1999 година, Заев кажа дека партијата е целосно промената.
„И дел од „длабоката држава“, за која зборуваше Љубчо Георгиевски, остана тука. Тоа не е патриотизам и не е европско однесување. Зашто многу е лесно да се скараш со некого. Треба да бидеш јунак и да направи пријателство со некој, а македонскиот и бугарскиот народ се со предиспозиции да бидат најдобри пријатели“, изјави премиерот Зоран Заев за БГНЕС.
МИА/Фото: Влада