Министерот за здравство Венко Филипче, повикувајќи се на извештајот на Институтот за јавно здравје, на прес-конференција изјави дека и оваа недела продолжува падот на сите бројки и индикатори кои ги следи институтот во целиот овој изминат период.
Во Прилеп, Охрид Куманово и Струмица денес бројот на хоспитализрани пациенти е значително помал во однос на почетокот на декември. И во ковид центрите во Скопје, има константна и стабилна бројка на приеми со тенденција на намалување.
Во однос на тестирањето, има се повеќе слободни термини за тестирање за Ковид 19, притисокот се намалува.
„Во втората и третата недела од декември намален е и бројот на тестирања, како во државните така и во приватните лаборатории. Ако во целокупниот изминат период просекот на исполнување на термините беше истиот ден кога тие ќе беа објавени, сега и во текот на истиот ден има термини кои се слободни, односно не закажани.
Во анализата за втората и третата недела од декември се забележува дека државните лаборатории спроведуваат за приближно 100% повеќе тестови од приватните лаборатории, а воедно се забележува и зголемување на бројот на тестови секоја недела во државните лаборатории“, рече Филипче.
Тој, упати и апел за почитување на мерките за спречување на ширењето на Ковид-19 вирусот.
„Пред нас следи многу убав период околу новогодишните празници, меѓутоа ние имаме многу тешка година зад нас и искрено верувам дека следната ќе биде многу подобра. Сакам да апелирам да во вакви услови, ситуација кога епидемијата сериозно спласнува и се стабилизира, да не направиме ништо да истата сега се влоши.
Апелирам да се празнува одговорно, во кругот на семејството, без групирање, со почитување на јасно пропишаните протоколи и мерки.
Се покажа дека сите овие досегашни протоколи и мерки беа добро димензионирани и го дадоа резултатот, како што се очекуваше. Тие се димензионирани така да не се спречи слободното движење и работа имајќи предвид колку е тоа тешко за сите нас.
Апелирам во следните две до три недели сите да бидеме крајно внимателни. Има некои позитивни придвижувања, ќе видиме дали е тоа почеток на крајот на епидемијата и затоа не смееме да ризикуваме уште еден силен бран,“ истакна Филипче.
Фото: МЗ