еМагазин
Image default
Бизнис

Народна банка: Банкарскиот систем ја задржа стабилноста и отпорноста на шокови

Банкарскиот систем ја задржа стабилноста и отпорноста на шокови, во услови на продолжена и сè уште непредвидлива здравствена криза, оцени Советот на Народната банка усвојувајќи извештај за ризиците во банкарскито систем во третиот квартал од годинава.

-Показателите за солвентноста на банкарскиот систем и натаму се стабилни, при што стапката на адекватност на капиталот изнесува 16,9 отсто. Над 90 отсто од сопствените средства отпаѓаат на редовниот основен капитал, којшто го претставува најквалитетниот сегмент од регулаторниот капитал на банките, наведуваат од Народната банка во денешното соопштение.

Според усвоениот извештај, показателите за ликвидноста на банкарскиот систем забележале подобрување. Така, појаснуваат, учествата на ликвидната актива во вкупната актива, како и покриеноста на депозитите од домаќинствата и на краткорочните обврски со ликвидната актива квартално се зголемија за по 0,4, 1,7 и 0,5 процентни поени, соодветно и на 30 септември 2020 година изнесуваат 29,9 отсто, 58,9 отсто и 50,3 осто, соодветно.

Пласманите во државни хартии од вредност и краткорочните средства кај странски банки дадоа најголем придонес за зголемувањето на ликвидните средства, во услови на натамошен раст на депозитите од нефинансиските субјекти и солидно квартално зголемување на добивката на банкарскиот систем.

Депозитите од нефинансиските субјекти се зголемени на годишна основа за 6,6 отсто. За одржување на депозитната активност на банкарскиот систем на стабилно ниво во услови на криза, покрај задржаната доверба на јавноста во банкарскиот систем, според Народната банка, од значење се и економските мерки на државата за справување со кризата од Ковид-19, коишто опфаќаат ликвидносна поддршка на компаниите и домаќинствата, заради одржување на ликвидноста на претпријатијата и на куповната моќ на домаќинствата.

Мерките преземени од Народната банка во првата половина на годината, оценуваат дека значајно придонесоа за креирање ликвидност во банкарскиот систем, којашто се користи за обезбедување поддршка на македонската економија, главно преку одржување на кредитните текови и на кредитниот циклус од страна на банките.

Кредитната активност на банкарскиот сектор и натаму расте, со стапка од 6,7 отсто на годишна основа.

Советот на Народната банка на одржаната седница го дополни и Стратегискиот план на Народната банка на Република Северна Македонија за периодот 2020 -2022 година со вклучување активности за следење и управување со ризиците од климатските промени, како и анализа на влијанието на ризиците коишто произлегуваат од климатските промени врз банкарскиот систем.

-Климатските промени, како една од најголемите глобални закани, добиваат сѐ поголемо значење и во активностите на централните банки, како општествено одговорни институции.

Во последните години, централните банки сѐ повеќе дискутираат за влијанието на климатските промени врз финансиската стабилност и монетарната политика. Ефектите од климатските промени и економските трошоци коишто тие ги предизвикуваат може да имаат негативни преносни ефекти врз финансискиот систем.

Воедно, климатските промени влијаат врз монетарната политика, а во таа насока, централните банки почнуваат да ги менуваат мандатите, вклучувајќи ги климатските промени како дел од своите стратегиски цели, стои во соопштението, во кое се додава дека имајќи ги предвид овие трендови, Народната банка предвидува започнување со активности за вградување мерки коишто ќе овозможат поддршка на „зелените финансии“ при остварувањето на основните цели.

Се предвиде и поттикнување и развој на истражувачката дејност во областа на „зелените финансии“, како област којашто треба да се вгради во приоритетите на секоја општествено одговорна институција, а заради придонес кон создавањето „зелена“ и одржлива економија, што во крајна инстанца би обезбедило повисок животен стандард и унапредување на квалитетот на животот за нејзините граѓани.

На седницата на Советот се донесени и Програмата за работа за 2021 година и Среднорочната програма за работа за периодот 2021-2023 година на Дирекцијата за внатрешна ревизија, како и Годишниот финансиски план, Годишниот план за инвестициите и Годишниот план за јавните набавки за 2021 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Парно греењето ќе продолжи најдоцна до 30 април

Редакција

Алкалоид со консолидирани продажби од 79,9 милиони евра, извоз од 58,1 милион евра и со инвестиции од 4,8 милиони евра во првите три месеци од годината

Редакција

„Енерџи актив“ го доби милионскиот тендер на Македонски железници – Транспорт за набавка на струја

Редакција