еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Алкалоид со консолидирани продажби од 79,9 милиони евра, извоз од 58,1 милион евра и со инвестиции од 4,8 милиони евра во првите три месеци од годината

Алкалоид АД Скопје според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март 2024 година има продажби од 3.419.742.486 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 4.925.260.049 денари, што е за 13 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 11 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 14 %. Од вкупните консолидирани продажби 27 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 73 % се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 26 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 24 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 22 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај поголемите извозни пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Велика Британија, во износ од 119.813.384 денари, кои се зголемени за 4-пати, потоа во Грузија, каде што се зголемени за 3-пати, како и во Украина, каде што се зголемени за 2,5-пати.

Потоа следуваат оние во Унгарија (раст од 65 %), Романија (раст од 27 %), Албанија (раст од 27 %), во Полска (раст од 20 %), Италија (раст од 12 %), Хрватска (раст од 11 %), во Ерменија (раст од 10 %), Словенија (раст од 10 %), Србија (раст од 10 %), во Грција (раст од 10 %), итн..

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 31 %, препаратите ОТЦ со 19 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби, итн..

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %.

Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 14 %, хемија раст од 3 %, козметика раст од 5 % и билкарство раст од 8 %.

Иновации

Алкалоид во изминативе години започна процес на редизајнирање на постојни генерички фармацевтски производи за нови индикации, со цел создавање лекови со додадена вредност кои овозможуваат третирање и задоволување на потребите на индивидуални или на специфични групи пациенти.

-Стратешките инвестиции за модернизација на производственото портфолио доведоа до успешен развој на првиот патентиран лек со додадена вредност на Алкалоид, наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ).

Лекови од прв избор во третманот на рефлуксен езофагитис и на ГЕРБ се т.н. инхибитори на протонска пумпа, група во која спаѓа и Омепразолот, кои најчесто се достапни во форма на гастрорезистентни таблети и капсули, како и на прашок за растворање. За првпат во историјата,  од Алкалоид, е развиена течна форма на лекот Омепразол, готов за употреба, велат од таму.

За пероралниот раствор Омепразол, Алкалоид го доби првиот интернационален патент за лек со додадена вредност (Value Added Medicine – VAM), а првите одобренија за ставање во промет на овој иновативен лек веќе се доделени за македонскиот пазар и за пазарот во Обединетото Кралство.

Во тек се регистрациските постапки за земјите во Европа и за пазарите на Европската Унија, при што се очекува добивање одобренија за ставање на лекот во промет и негово последователно лансирање.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 659.500.874 денари, бележи зголемување од околу 10 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 390.910.925 денари и е зголемена исто така за 10 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 804.400.748 денари и бележи раст од 6 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 479.529.291 денари е зголемена за 9 %.

При извршувањето на оперативните активности Алкалоид АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Алкалоид со инвестиции од 298.2 милиони денари и 90 нови вработувања во првиот квартал

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починато лице пронајдено покрај возило на автопатот Велес-Скопје после наплатната рампа Отовица, сообраќајот по една лента

Редакција

Вест на денот: Баџанакот на Џафери ќе разгледува дали има корупција при вработувањата на братот и синот на пратеничката Стојчевска

Редакција

Народна банка: Раст на депозитите и на кредитите во март

Редакција