Мексико е подготвено да му понуди политички азил на Џулијан Асанж и со тоа да ја поддржи одлуката на британскиот судија да одбие екстрадиција на основачот на Викиликс во САД, изјави претседателот на Мексико, Мануел Лопез Обрадор.
– Асанж е новинар и заслужува шанса. Јас се залагам за неговото помилување, рече Обрадор.
Тој додаде дека Мексико ќе му пружи заштита.
Британската судијка Ванеса Бараитсер претходно денеска соопшти дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (49) нема да биде екстрадиран во САД по обвинението за шпионажа, објаснувајќи дека тоа би била репресивна мерка поради неговата психичка состојба. Таа истакна дека Асанж најверојатно би извршил самоубиство доколку биде испратен во САД.
Американската администрација соопшти дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Обвинителството во САД го обвини Асанж по 17 точки, како и една дека ја злоупотребил употребата на компјутерите околу објавите на Викиликс на воени и дипломатски документи пред една деценија.
Обвиненијата против него би можеле да му донесат и потенцијална затворска казна од 175 години.
Адвокатите на Асанж застанаа во негова одбрана со аргументи дека тој се однесувал како новинар и се повикал на Првиот амандман, кој особено ја нагласува слободата на говорот, за објавување документи што ги откриваат наводните незаконски дејствија на американската армија во Ирак и Авганистан.
МИА