еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Германски ФАЦ: Мали шанси за полноправно членство во ЕУ на земјите од Западниот Балкан

Реалните шанси земјите од Западниот Балкан да добијат полноправно членство во ЕУ се сведени на минимум. Старо-новата алтернатива која се нуди е членство во Европската економска зона, пишува германскиот весник ФАЦ.

Франкфуртер алгемајне цајтунг во денешната анализа објави дека никој веќе реално не верува оти проширувањето на ЕУ ќе продолжи со шесте држави од Западниот Балкан, или дури и со само некоја од нив, во следната декада.

Пишува дека на површина излегува старата алтернатива – членство во Европската економска зона.

– Веќе со актуелните 27 земји-членки, во однос на надворешно-политичките, буџетските и другите прашања кои бараат едногласност, ЕУ е честопати во потешкотии, а понекогаш и воопшто не е способна да делува.

Во една Унија со 33 членки тоа ќе биде уште потешко. Можете да си замислите што ќе значи кога Србија како членка ќе има право на вето по прашањето за односите на ЕУ со Русија, пишува ФАЦ.

Според германскиот ФАЦ, ЕУ не сака целосно да се одвои од балканското соседство, а преку Договорот за стабилизација и асоцијација веќе им понуди на земјите од регионот меѓу-скалило кон полноправно членство.

– Рецептот, кој секогаш одново се споменува, гласи: Полноправно членство на балканските држави во Единствениот европски пазар. Со други зборови: целосно економско учество без право на политички збор, наведува ФАЦ.

За овој концепт (кој првпат беше изложен од Гералд Кнаус по француското вето во октомври 2019, н.з.), потсетуваат од весникот, во меѓувреме се залага и долгогодишниот германски европратеник и член на претседателството на владејачката ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, Елмар Брок.

– Дури и на некоја балканска држава да и појде од рака да ги затвори преговорите согласно барањата на ЕУ, ратификацијата на членството во Европскиот парламент и во националните парламенти е малку веројатно.

За очекување е дека секогаш одново одредени земји-членки ќе наоѓаат причини за одложување, вели Брок, објави ФАЦ и додава дека тој предлага решение кое на луѓето во регионот ќе им донесе забележителни придобивки, а во истовреме ќе биде прифатено и од членките на ЕУ. Тоа испробано решение, според него, е „членството во Европската економска зона, ЕЕЗ”.

Според Елмар Брок најдоброто решение за Западниот Балкан е членство во ЕЕЗ.

– Членките на ЕЕЗ имаат целосен пристап до европскиот пазар со сите права и обврски, и за нив важи правото на ЕУ. „Но, тие не се членки на институциите на ЕУ.

Тоа функционира со Норвешка, Исланд и Лихтенштајн на обострано задоволство, вели Брок и го опишува членството во ЕЕЗ како некој вид „базна станица“.

Имајќи предвид дека за влез во ЕЕЗ е потребно исполнување на околу 70 проценти од критериумите за полноправно членство, подвлекува, патот не е далечен.

Брок, како што објави германски ФАЦ, ги отфрла забелешките од Балканот дека се работи за „членство од втора класа“.

– Иако идеите кои ги рекламира Брок се вртат со години, не може да се каже дека тие фаќаат замаец во јавниот дискурс на балканските држави. Таму, во најмала рака „проевропејците“ се уште гледаат исклучиво кон полноправно членство. ЕУ, барем преку ставовите на нејзиниот комесар за проширување Оливер Вархеји, се уште ја поддржува оваа перцепција со тврдењето дека полноправното членство е реална понуда.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Фајзер“ работат на годишна вакцина која ќе ги покрие сите ковид-мутации

Редакција

За четири години 107 функционери го искористиле правото на апанажа, најмногу пратеници

Редакција

Комерцијална банка ја зголеми добивката за 45,1%

Редакција