еМагазин
Image default
Македонија

Вработени во Фонд за здравство и Централен регистар сведочеа на судењето за „Титаник“

Членови на ВМРО-ДПМНЕ во 2011 година изготвувале списоци со можни гласачи, симпатизери на партијата, кои содржеле име и презиме, адреса, телефон и избирачко место. За ова денеска сведочеше вработен во Фонд за здравство, повикан како сведок на обвинителството на судењето за изборни нерегуларности Титаник.

Сведокот Анде Марковски, рече дека во 2011 година изготвил список на негови блиски луѓе, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, кој го предал во партија.

– На списокот беше прв татко ми, а инаку беа околу 30-тина лица. Инаку списокот содржеше име и презиме, адреса, телефон и избирачко место, рече сведокот.

Прашан дали за тоа добил насоки од партијата, рече дека од лице не добил, појаснувајќи дека тоа го добил како задача од Месниот комитет.

На прашање од одбраната, сведокот рече дека со Спиро Ристоски и Миле Јанакиески лично не се познава.

Потоа сведочеше Олгица Насевска, која во 2011 година работела во Централен регистар Битола, која зборуваше за притисоци околу своето избирачко право со кои се соочила пред предвремените избори на 5 јуни 2011 година.

– Во саботата на 4 јуни, некаде попладне ми заѕвони по телефон мојот раководител Ленка Рашајковска и ми рече „наредба од директорот да не се оди на гласање“ и ми го затвори телефонот.

Јас се зачудив и исплашив. И ѕвонев за објаснување, но не ми се јави. Потоа ми се јави Станко Коруновски и ме праша „дали ти се јави Ленка да не одиш на гласање“.

Јас тогаш многу се исплашив и почнав да плачам. Се јавив кај директорот Трајко Костадинов. Кога го прашав дали е точно дека дал наредба да не одам на гласање тој ми рече „со кое право ти ми се јавуваш“, изјави сведокот Насевска.

На сугестија на моето семејство тогаш заѕвонев кај Силвана Бонева, и таа ми препорача да се јавам кај Илија Китановски, некаков координатор на изборен штаб за Битола.

– Кога се јавив кај Китановски, тој ми одговори, јас за ова не сум запознаен. Ќе се распрашам и ќе ти кажам што е работата. Чекав некое време, но тој не ми се јави.

Јас заедно со сопругот отидов во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и го побарав градоначалникот Владимир Талевски. Кога отидов да го побарам, Телевски се скри од мене.

Јас ноќта ја поминав будно, бидејќи Ленка доаѓаше на моето биро и ми велеше „да си ја чуваш работата“, тоа ми проструи низ памет. Јас исплашена, во договор со мојот сопруг не отидовме на гласање. Така моето право за гласање, на индиректен начин ми беше одземено, изјави сведокот.

Во меѓувреме, рече сведокот, се случуваа и други работи и јас отидов кај Ленка и ја прашав што е оваа работа што се јавувате, а тогаш Ленка ме погледна во очи и рече „јас не сум те барала“ и настана препрека со мене, но таа си остана на тоа.

– Потоа следеа навреди и деградирања по наредба на Ленка Рашајковска. До моето заминување во пензија јас бев под мобинг, рече сведокот Насевска.

Сведокот, кажа дека бара оштета од Ленка Рашајковска, Станко Коруновски и од Централен регистар.

На прашање од одбраната, дали со Ленка и Станко не е скарана, Насевска рече да, приватно не сум скарана.

Прашана дали имаат нарушени односи уште од 2008 година, кога таа била уназадена на функција стручен соработник и нејзината раководна функција ја земала Ленка Рашајковска, сведокот Насевска рече не.

Прашана дали била резрешена од функцијата поради недоличното однесување со страниките и штетата на угледот на Централниот регистар, сведокот рече не.

– Не, ова е лага. Јас очекував ваква дискредитација, бидејќи тоа што не ми беше дозволено да гласам стана голем случај во ВМРО-ДПМНЕ, инаку јас бев бивша ВМРО-вка, рече сведокот Насевска.

Сведокот Соња Јовановска, вработена во Централен регистар во Битола, рече дека на 4 јуни 2011 година добила повик од раководителката Ленка Рашајковска, која и рекла „да не оди на гласање“.

– Јас излегов на избори и си гласав, рече сведокот.

Откако се вратив на работа, бев во канцеларија на Ленка Рашајковска и и реков „што беше тоа со јавувањето“ и јас и кажав дека си излегов да гласам, со што и дадов до знаење дека никој не може да ми влијае да не излезам на избори.

Прашана од одбраната, дали понатака имала проблеми со раководителката, сведокот рече не, имав коректен однос.

Следното рочиште е на 2 февруари, за кога се повикани повеќе сведоци од одбраната.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Стевчо Јакимовски реизбран за претседател на ГРОМ

Редакција

Ковачевски пред пратениците одговори зошто не служел војска

Редакција

Владата без коментар на ставот на Путин дека со сила Македонија се сака да се внесе во НАТО

Редакција