Веб страницата vakcinacija.mк по техничките проблеми во текот на денот сега е функционална и секој граѓанин може да се пријави ако сака да се вакцинира против Ковид-19.
Процедурата е едноставна. Треба само да ја пополнете апликацијата и да изберете пункт:
Со пополнувањето на оваа апликација, се регистрирате директно во националниот систем „Мој Термин“.
„Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина“, информираа од Министерството за здравство.
Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.
“Вакцинирањето е доброволно и се спроведува согласно стратегијата за вакцинација на Република Северна Македонија.
Единствениот начин за да го победиме вирусот е со вакцинација против Ковид-19. Вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои што досега се развиваа и сите други вакцини“, велат од Министерството.