Заврши снимањето во Македонија на долгометражниот дебитантски игран филм „Празникот на хризантемите“ („Chrysanthemum day“) на младиот украински режисер Симон Мозгави во продукција на Mainstream Pictures LLC од Киев, Украина, а македонска ко-продукција е Опиум Филм претставен од страна на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов.
„Дел од сцените на филмот се снимаа во Спомен костурница-Велес и Македониумот во Крушево. По повеќемесечни подготовки и изградба на комплексна сценографија во Велес и во Крушево, снимањето на филмот траеше десет дена.
Филмот е научно фантастична-дистописка драма, за односите помеѓу млада лекарка и нејзиниот пациент стара „жена-цвеќе“, познатa како исцелител која мистериозно преживува нуклеарна експлозија, но целосно ја изгубила меморијата и идентитетот. Филмот го следи патот на нејзиното враќање на меморијата.
На овој филм како прв од овој жанр што се снимаше во Македонија, во тешки временски услови и по сите протоколи за заштита за време на пандемија од Ковид-19 учествуваа над дваесетина филмски професионалци од земјава и над триесет филмски автори и работници од Украина.
Филмот се снима на повеќе етапи на локации во Украина, Македонија, Босна, Србија и Хрватска.
Празникот на хризантемите“ е меѓународна ко-продуцкија помеѓу Украина, Македонија, Србија и Хрватска. Моментално филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Украина. Дел од пост продукцијата на филмот ќе се работи во Македонија, соопштија продуцентите.
Фото: Опиум филм