еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Се шират невистини и лажни информаци за банките, банкарскиот сектор е стабилен, велат од Народна банка и Македонската банкарска асоцијација

Ве известуваме дека беше одржан работен состанок на којшто зедоа учество претставници на банките и штедилниците и претставници на Народната банка, информираат во заедничко соопштение од Народна банка и Македонска банкарска асоцијација (МБА)

“Состанокот беше во врска со невистините и лажните информации коишто се пласираат во јавноста во изминатиот период, поврзани со банкарскиот систем, на штета на целата економија и општеството во целина.

Поаѓајќи од значењето што го има банкарскиот сектор за секоја економија, а и за општеството во целина, тој преставува најрегулираниот дел од економското живеење.

Поради ваквата поставеност и значење на банкарскиот сектор во нашата економија, во трите децении независност, овој сектор ја игра водечката улога во одржувањето на вкупната макроекономска стабилност во земјата, стекнувајќи притоа доверба од нашите граѓани и компании.

Како и во годините досега, така и денес, банкарскиот сектор го преставува најздравиот дел на македонската економија и со тоа претставува јавно добро од интерес за целото наше општество.

Истовремено, живееме во време кога новите технологии и интернетот даваат многу можности, но за жал во голема мера се користат и за ширење лаги и дезинформации коишто ги вознемируваат граѓаните и имаат потенцијал да нанесат економски штети. Со овие предизвици се соочува и нашето општество.

Затоа, Народната банка и Македонската банкарска асоцијација уште еднаш сакаат да укажат на потребата од високо ниво на внимателност кога се работи за информации коишто се однесуваат на банките и штедилниците.

Тука нема место за шпекулации и тенденциозни дезинформации.

За таа цел, ги повикуваме медиумите секогаш, пред да објават каква било информација поврзана со банките, штедилниците и банкарскиот сектор, да ја проверат од релевантни извори, за да можат да им ја пренесат вистинската слика на граѓаните и на економските субјекти.

Исто така, апелираме до граѓаните и економските субјекти мошне внимателно да ги проверуваат информациите коишто излегуваат во јавноста поврзани со банките и штедилниците, бидејќи не е во прилог на јавниот интерес создавање какви било избрзани реакции коишто покрај тоа што го одземаат времето, создаваат и дополнителни трошоци.

Злонамерни појави на ширење шпекулации и неточни информации имало и ќе има, а вообичаено се пласирани од личности кои покрај тоа што не водат сметка за својата одговорност, пред сѐ поради кратковидоста на своите лични интереси, не ги земаат предвид далекусежните влијанија на тие невистини врз јавноста и врз општеството во целина.

Затоа сакаме да апелираме до граѓаните и компаниите коишто имаат какви било прашања отворено да ѝ ги поставуваат на својата банка, на МБА или на Народната банка.

Исто така, бидејќи банките се транспаренти економски субјекти, тие се обврзани и редовно објавуваат повеќе податоци за своето работење, коишто може и треба да се следат од сите заинтересирани граѓани и компании.

Само на тој начин може да се заштитиме од пласираните невистини и да донесеме основана одлука за банката со која соработуваме“, се вели во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

СЈО: Како може судика истовремено да работи и за УБК?

Редакција

Запрена постапката за разрешување на директорот на АЕК, Сашо Димитријоски

Редакција

Нема криза за вработувања по министерства и институции

Редакција