Веќе извесен период ниту Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), ниту Министерството за здравство не објавуваат податоци за заболените со Ковид-19 по скопските општини. Како што е познато токму Скопје со месеци е градот со најмногу заболени со Ковид-19.
Исто така ИЈЗ во рамките на неделниот извештај од пред неколку месеци не објавува детални податоци за симптомите, претходни заболувања на заболените, број на заразени и починати здравствени работници, број на заразени и починати трудници, број на импортирани случаеви и сл. податоци, кои се важни за новинарите сами да си прават анализи за состојбата со Ковид-19 во Македонија, а не да ги пласираат објаснувањата само на здравствените власти.
Последни вакви податоци ИЈЗ објавил заклучно со 4 јануари.
Деталните податоци за состојбата со Ковид-19 во Македонија не се важни само за новинарите, туку и за бројните експерти и научници во земјава и странство, кои прават свои независни анализи од тие на здравствените власти, па и од нив често може да се слушне коментар дека македонските здравствени власти не се доволно транспаретни кога се во прашања податоците за Ковид-19.
еМагазин денеска испрати прашање до ПР-службата на Министерството за здравство зошто повеќе не се објавуваат вакви податоци, но не добивме никаков одговор.
Фото: МЗ