еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА

Сите детали: Град Скопје го објави јавниот повик за субвенции за купување инвертер клима уреди

Градот Скопје го објави јавниот повик за доделување субвенции за купување инвертер клима уреди во 2021 година, а граѓаните ќе може да аплицираат онлајн. Повикот ќе биде отворен до 1 ноември годинава или до исцрпувањето на средствата предвидени за оваа намена.

На повикот, како што информираат од Град Скопје, може да аплицираат лица кои ги исполнуваат предвидените услови, а ќе можат да аплицираат сите оние што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од 1 јануари годинава и се жители на Град Скопје – општините Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај).

– На граѓаните ќе им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето износ, а може да аплицираат на aplikacii.skopjelab.mk доколку апликантот претходно не добил субвенции за затоплување со печки на пелети или инвертери, појаснуваат од Град Скопје.

За да може да аплицираат граѓаните треба да достават важечка лична карта, нотарски заверена изјава дека доброволно ја предава печката која ја користи, потврда за ефикасноста на инвертер клима уредот, трансакциска сметка, фискална сметка или потврда за купувањето.

Сите документи треба да бидат скенирани.

– За одделни домаќинства на иста адреса потребни се сметки од различни броила за електрична енергија, а за домаќинства кои се во реони на централно градско греење потребна е потврда дека не се приклучени и немаат техничка можност за приклучок, се вели во соопштението од Град Скопје.

Средствата предвидени за овие субвенции се добиени од Владата на Република Северна Македонија, односно во 2020 година Град Скопје доби средства во висина од 322.400.000 денари.

Во годинешниов јавен повик ќе бидат користени нереализираните средства од минатогодишниот јавен повик или сума во износ од 107.404.074 денари.

Овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот.

– Согласно многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење.

Ова се јавува, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки.

Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено го постигнуваат максималното задоволство при затоплувањето на домовите, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новата реалност: Свадби без оро и жива музика и ограничен број на гости

Редакција

Што ќе бараат работниците на денешниот марш за работнички права

Редакција

Долгот за вода може да се плати без камата до 31. јули

Редакција