еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Епископ Партениј: Пандемијата со Ковид-19 уште повеќе не поттикна да размислиме, што е човекот

Словото на Бигорскиот старец и игумен, Епископ Антаниски Партениј, за празникот Цветници, кој го искажал во манастирската трпеза во Св.Јован Бигорски, лани, се уште е актуелно, бидејќи се осврнува и на состојбата со коронавирусот.

Имајќи предвид дека и оваа година овој празник повторно го дочекуваме во ковид-пандемија, зборовите на старец Партениј се уште се актуелни.

Ви пренесуваме дел од нив:

„Светиот и Велик Пост има отрезнувачки, подготвителен карактер за најголемиот настан во историјата на човештвото, Воскресението Христово. Оваа година за време на Четириесетницата ни се случи и едно сесветско искушение со пандемијата на грипот т.н. Ковид-19. Тоа уште повеќе нè поттикнува да размислиме што е човекот.

Погледнете, каде е сега моќта на технологијата? Каде е супериорноста на ‘над-човекот’? Помнам кога бев во основно школо, наставниците ни велеа: во старите времиња имало страшни болести, епидемии, затоа што луѓето биле нечисти, не одржувале хигиена како ние денес, медицината била многу назадна…, но сега веќе такво нешто не може да се случи во напредниот свет. Ама, еве, гледаме – можело да случи и во 21 век.

Господ допушти едно такво искушение за да нè смири, да го смири гордиот човек. Видете колку е добар Господ, колку е Он љубов! Не нè предава на исчезнување, туку, поради нашите гревови, допушти да нè снајде едно такво искушение, за да нè приведе повеќе кон покајание, кон молитва, кон самоиспитување. И дај Боже што повеќе души да сфатат дека светот без Бога не може; дека Он е нашиот Создател, Он е Управителот на нашиот живот.

Што сме ние без Него? Едно бедно уплашено човече. Каде е сега оружјето на велесилите: Америка, Русија, Англија, Европа, Кина…? Што им користи? Сите се исплашени, сите се по дома. Насекаде полициски часови, ограничено движење, сеопшта паника. И на што се должи сето тоа? На една мала, невидлива за голо око честица. Ете, таа му објави војна на човештвото и го исплаши целиот свет. А светот се исплаши, затоа што не сакаше да се плаши од гревот – она од што треба особено да се плашиме, бидејќи гревот е тоа што најмногу нè одделува од Бога.

Затоа, ве замолувам, мили мои, да се трудиме да се вброиме во оние што, по Божјата благодат, вечно ќе живеат. Ќе одам со благодарност пред лицето на Господа, во Земјата на живите (Псал. 14,9). Да не се залажуваме со нештата од овој минлив свет. Замислете Бог да допуштеше некоја пострашна епидемија, како што била, на пример, чумата во средината на 14 век! Тогаш во Европа изумрела речиси половина од населението!

Фала Му на Бога, смртноста од овој вирус е далеку помала, но затоа треба да бидеме мудри и да го исползуваме ова искушение за добро. Да сфатиме дека нештата од овој свет не можат да нè спасат. Каква полза имаш од парите, кои толку многу ги љубиш, ако те опфати некоја смртоносна, неизлечлива болест? И да имаш толку пари што да можеш да го купиш сиот свет, каква вредност ќе имаат тие за твојот живот? Можеш ли да си го купиш здравјето, чувствата, топлината во срцето, радоста, животот? Има само Еден Кој го дава животот бесплатно. Тој е Оној во Кого ние веруваме и Чиешто име носиме: Христијани. Нашиот Христос, деца мои, е Тој што ни дава и живот и благодат и радост и љубов и насмевка и топлина – сето тоа бесплатно! Него да Го бараме, кон Него да се приопштиме.“

Извор/фото: bigorski.org.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Предупредување од Центарот за управување со кризи: Следува период со пороен дожд, грмежи и силен ветер

Редакција

Најчитани на еМагазин за 2020 година: Персоналот почна да се разболува од корона вирусот, со вашите теории на заговор ќе го убиете па лечете се сами, порача Каламарас

Редакција

Се уште е во критична состојба: Извршени две операции над 20-годишната девојка, која настрада во автобуската несреќа

Редакција