Околу 15.000 македонски државјани кои се вакцинираа против Ковид-19 во Србија, ќе можат да добијат српски зелен дигитален сертификат, јави дописникот на МИА од Белград.
Директор на Канцеларијата на Владата на Србија за ИТ и е-Управа, Михаило Јовановиќ изјави дека пуштањето во работа на новата електронска услуга на порталот е-Управа им овозможува и на странски државјани да се регистрираат, да станат е-граѓани на Србија и на тој начин да добијат зелен дигитален сертификат за извршена вакцинација.
– Со регистрација на порталот е-Управа странските државјани можат да ја користат услугата за издавање на зелен дигитален сертификат, но постои разлика помеѓу оние што имаат единствен број и оние кои немаат, изјави Јовановиќ.
Услугата е обезбедена за двете групи, но доколку сè уште имаат проблем, според Јовановиќ, треба да контактираат со канцеларијата за ИТ и е-Управа и од таму ќе им испратат сертификат по електронска пошта.
Како што објасни Јовановиќ, оние странски државјани кои немаат престој во Србија и ИД за странци, со внесување на бројот на пасошот, ќе се регистрираат на порталот и ќе добијат сертификат.
– Важно е странците да го внесат бројот на пасошот со кој поднеле барање за вакцинација, и да го користат истиот тој број за регистрација на е-Управа, нагласи Јовановиќ.
Според него, дигиталниот зелен сертификат може да се добие на два јазика, во српско-англиска верзија и во српско-кинеска верзија, а овоможено е да се добие и во форма за десктоп или мобилен телефон.
Сите речиси 40.000 странски државјани кои биле вакцинирани во Србија ќе добијат зелен дигитален сертификат, потврди Јовановиќ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
И тие што се вакцинирале во Србија ќе можат во Македонија да добијат зелен пасош
Електронските сертификати за патување ќе ги издаваат од следната недела матичните лекари
МИА/Фото: МЗ