Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 433.787 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 236.878 граѓани.
Прва доза вакцина вчера примиле 2.057 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.763 граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани.
Со последните бројки 47% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 41% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација.
Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп,“ се вели во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk, бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Фото: МЗ