Премиерот Зоран Заев, во рамките на агендата на денешната работна посета на Република Бугарија се сретна и со претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова.
На средбата на која учествуваше и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, премиерот Заев и Нинова се согласиле дека преговорите на Северна Македонија со Европската Унија мора да почнат час поскоро и дека секоја поддршка во оваа насока е од исклучителна важност.
Премиерот Заев и вицепремиерот Димитров за време на разговорот потенцирале дека влогот за остварување на оваа цел е голем и македонската владина делегација е во Софија со искрени и чесни намери, да се направи заеднички исчекор кон решение за што постојат сериозни услови истото да се обезбеди во периодот што претстои.
„За време на разговорот претседателката на БСП, Нинова го поздрави проактивниот и искрен пристап на премиерот Заев со цел да се обезбеди исчекор кон решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес и дека тоа е од суштинска важност за стабилноста на регионот Западен Балкан.
Заев и Нинова на средбата се согласија дека Македонија и Бугарија имаат и желба и капацитети за европско лидерство во однос на изнаоѓање заедничко прифатливо решение за отворените прашања и дека во таа насока од огромна помош можат да бидат и заедничките вредности на БСП и СДСМ како сестрински партии,“ се вели во соопштението од Влада.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада