Измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, чии предлагач е Владата, стигнаа во Собрание.
Една од главните измени во новото законско решение, „со цел заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, е предлогот уплатно-исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени не помалку од 500 метри од основни и средни училишта.
На овој предлог во изминатиов период во неколку наврати реагираа обложувалниците, од каде посочија дека тоа ќе значи губење на работни места, но и помалку пари за државниот буџетот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Постојниот закон за игрите на среќа и за забавните игри уредува дека со една лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница приредувачот може да отвори неограничен број на уплатно-исплатни места, а со една лиценца за приредување на игри на среќа во автомат-клуб, исто така, се отвораат неограничен број на деловни простории.
Со цел да се намали неограниченото отворање на уплатно-исплатните места кај обложувалниците, односно на деловните простории кај автомат клубовите, а со тоа и да се оневозможи лесниот пристап на населението до игрите на среќа, со новото законско решение се предлага и воведување на ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат-клубовите што се отвораат со една издадена лиценца.
Целото законско решение ОВДЕ.