еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Предлогот на португалското претседателство е прашањето за јазикот да се реши со две унилатерални изјави, вели Османи

Согласно предлогот на португалското претседателство со ЕУ за решавање на прашањето со Бугарија, а којшто се однесува на јазикот, е тоа прашање да се реши со две унилатерални изјави, и на Северна Македонија и на Бугарија, појасни денеска во Охрид шефот на дипломатијата Бујар Османи, за тоа што содржи предлогот на претседателството со ЕУ во однос на македонскиот јазик.

-Од Северна Македонија се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран во 1945 година, без други формулации. Додека на самата меѓувладина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, односно два различни става во однос на тој процес, рече Османи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Португалскиот предлог е македонски јазик за ЕУ, со унилатерална изјава за бугарскиот став, вели Димитров

Португалија измисли „северномакедонски“ јазик, и тој потекнува од бугарскиот

Според него, тоа е креативното решение што може да ги задоволи и да ги адресира сензитивностите на двете страни по однос на ова прашање и предлогот на претседателството, што ќе продолжи да се разгледува и во рамки на словенечкото претседателство, додавајќи оти тоа е единствениот предлог којшто е функционален на маса.

Османи изрази задоволство и дека во последните комуникации има и прогрес помеѓу страните по однос на дефинирање на патоказот.

–Во Софија беа разменети идеи по однос на содржината на патоказот. Потврдувам дека тоа што точките во јавноста се спомнуваат, се елаборираат, се тие што ги разговараме за патоказот, но не разговараме билатерално за идентитетските атрибути, бидејќи тие не се прашања што се предмет на билатерални спорови, рече Османи во однос на тоа што било разговарано на средбите на владината делегација за време на посетата на Софија на 17 јуни.

Повтори дека за прашањето за јазикот и идентитетските атрибути никогаш не е разговарано на билатерална основа.

-Тоа прашање единствено го третира предлогот на претседателството. Во Софија разговаравме, разменувавме идеи за содржината на патоказот и точките коишто ги има во јавноста и пораките од Бугарија што јас ги интерпретирав како позитивен одговор на тие предлози е таа содржина на патоказот.

Меѓутоа, предлогот на претседателството е тоа што дефинира каде тој патоказ би бил сместен, рече Османи.

Повтори дека со Бугарија дијалогот ќе продолжи преку дипломатски канали и директно преку министерствата во однос на враќање на довербата.

-Дијалогот со Бугарија нема да го правиме преку медиуми. Нашите позиции по однос на прашањето за кое што разговараме и за прашањата за кои не разговараме сме ги претставиле пред јавноста во многу наврати. И фактот дека на последниот документ што го добив од министерот за надворешни работи на Бугарија се третираат само прашања за коишто сме разговарале и за кои можеме да разговараме укажува дека тоа е така.

Меѓутоа, ние ќе продолжиме да комуницираме преку дипломатски канали и директно преку министерствата во однос на враќање на довербата, во однос на изнаоѓање на решенија како да го надминеме ова прашање, истакна Османи.

Тој рече и дека разговарал со неговиот португалски колега Аугусто Сантош Силва во однос на изјавата на португалската министерка за европски прашања Ана Паула Закариаш, во која таа наводно тврди дека во минатото македонскиот јазик бил дел од бугарскиот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(АУДИО) Португалската министерка Закаријаш рекла „северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“

-Намерно немав став вчера затоа што сакав прво да имам телефонски разговор со мојот колега министерот Силва за да ги слушнам неговите ставови, неговите погледи кон таа изјава која што со право внесе немир кај граѓаните, меѓутоа и во општеството во целина.

Прво јас ја искористив можноста на последниот ден од португалското претседателство со Унијата во име на Владата, во име на граѓаните да се заблагодарам за проактивниот, за креативниот, за искрениот напор што го направи претседателството за да се дојде до деблокада на процесот на европска интеграција, односно да се најде решение.

Тоа што можам да кажам е дека португалското претседателство успеа да докаже дека решение постои, дека решението е тука само треба повеќе напори и повеќе разговори, повеќе дијалог, повеќе разбирање на едните и другите за да се дојде до тоа решение, рече Османи.

Министерот истакна дека Силва изразил жалење на начинот на кој што била формулирана изјавата и ја реафирмирал позицијата на Португалија дека нивниот став и по однос на јазикот и по однос на сите други прашања што се дел од спорот со Бугарија остануваат само тие што ги има во пишаниот документ како предлог што тие го доставиле на маса во Скопје и во Софија, но и пред земјите членки и оти нема никаква дилема во тој дел.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од 1. мај украинскиот град Херсон ќе ја користи руската рубља

Редакција

„Тетекс“ станува компанија за издавање недвижнини

Редакција

Проф. Трајковски: Се движиме кон колективен имунитет на новиот сој на Ковид-19, што би требало добро да држи барем до Нова година

Редакција