Пожарот што настана вчера во село Карбинци, штипско, им нанесе штета од 60.000 евра на семејството Гребенакови, кои имаат мал бизнис со производство на ретки растенија.
Даринка Гребенакова вели дека за миг огнот и ги проголтал куќата, покуќнината, пари, пасоши, лични документи, но и пластениците во кои произведува карела и е единствен индивидуален земјоделец за оваа растение.
Пред медиумите раскажа дека се обидувала да спаси барем нешто, но како што вели од куќата во последен миг ја извлекол полицаец, по што експлодирала и плинска боца.
-Имав телефони, лаптопи, компјутери, телевизори во секоја соба, алишта, постелнини се комплет сме преселени од Скопје овде во Карбинци, а и заради бизнисот што си го водев тука. Имам вложено во пластеници, посебни системи, бунари, пумпи, се изгоре, вели Гребенакова.
По пожарот мора да се вратат во станот во Скопје, а ниту таа, ниту нејзиното семејство сакаат да се вратат. Во дворот денеска и екипите на комуналното претпријатие „Плачковица“ расчистуваа.
Директорот на ЈП „Плачковица“, Ѓорѓи Јанков вели дека вечерашните штети на препумпната станица за вода за пиење и на фотоволтаичната централа ги проценуваат на околу 10.000 евра.
Населението од четири населени места имаат вода за пиење, бидејќи системот е пренасочен од друг извор. Градоначалникот на Општина Карбинци ги повика жителите, кои имаат штети на жито, лозови и овошни насади да пријавуваат во општинската зграда, а формирана е и Комисија за проценки на штети.
Во денешниот полициски извештај се вели дека вчера во 15:30 часот во СВР Штип, било пријавено дека околу 15:00 часот во село Карбинци, Општина Карбинци, настанал пожар во трафостаница сопственост на ЕВН кој зафатил стрниште, лозја, дрвени овошки, дел од шумски појас, викенд куќа сопственост на Д.Г. и гаража сопственост на С.С. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Штип.
Во пожарот повредени лица нема, а увид на местото извршила увидна екипа на СВР Штип.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Две вили се опожарени од кои едната и целосно изгоре во големиот пожар во атарот на општина Карбинци
МИА