еМагазин
Image default
Бизнис

Народна банка: Годишен раст на депозитите од 9,9 и на кредитите од 6,4%

Вкупните депозити, во август, на годишна основа, се повисоки за 9,9 проценти, при раст кај двата сектора – корпоративен и домаќинства, којшто е поистакнат кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните кредити, пак, во август, бележат раст од 6,4 проценти, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка (НБ).

Како што се наведува во соопштението од НБ за монетарните движења во земјава за август 2021
година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2), се зголемила за 1,6 отсто во споредба со претходниот месец.

Нагорната промена, се посочува, главно е резултат на повисоките депозитни пари, при остварен помал раст и кај краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек бележат пад.

На годишна основа, паричната маса бележи раст за 11,5 проценти, во најголем дел под влијание на растот на депозитните пари и краткорочните депозити, во услови на помал раст и кај останатите компоненти.

‒ Вкупните депозити во август, остварија раст од 1,8 отсто и 9,9 отсто на месечно и годишно ниво, соодветно. Растот на депозитите е резултат на повисоките депозити кај двата сектора, со поизразено учество во месечниот и годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор.

Во август, вкупните кредити се намалени за 0,3 отсто на месечна основа, во целост како резултат на падот кај кредитите на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 6,4 проценти, под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“, се наведува во соопштението.

Во однос на депозити и кредити на корпоративниот сектор, се посочува дека во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележат раст за 4,0 отсто на месечна основа, како резултат на растот на сите компоненти, кој е најизразен кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

На годишна основа, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат зголемување за 20,2 проценти, коешто во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при пад на краткорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор, пак, овој месец, се намалени за 0,8 отсто на месечна основа, пред сѐ поради падот на кредитите одобрени во странска валута, при помало влијание и на падот на кредитите во денари.

Споредено на годишна основа, се посочува, кај овие кредити е забележан раст од 4,5 проценти, којшто во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.

Во однос на депозити и кредити на домаќинствата се наведува дека кај вкупните депозити на домаќинствата, во август, е забележан месечен раст од 0,9 отсто, којшто во целост се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута, при остварен пад кај останатите компоненти.

Во споредба со истиот месец претходната година, овие депозити се повисоки за 7,4 проценти, под влијание на растот кај депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута и во денари, додека долгорочните депозити во денари и во странска валута бележат пад.

Во август, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,2 отсто, како резултат на растот на кредитите во денари и странска валута, којшто е малку поизразен кај кредитите во странска валута.

Годишниот раст изнесува 7,9 проценти и се должи на зголемените кредити одобрени во двете валути, со поголем придонес на кредитите во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во август, потрошувачките кредити, како една од најзастапените категории, се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се повисоки за 6,9 отсто.

Станбените кредити се зголемени за 0,6 отсто и 16,2 отсто на месечна и годишна основа, соодветно.

Овој месец, кај автомобилските кредити е забележан месечен и годишен пад за 1,1 отсто и 17,5 проценти, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,4 отсто и 9,9 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно.

Негативните салда на тековните сметки, во август, се пониски за 0,2 отсто на месечно ниво, при годишен раст од 1,8 проценти, додека кредитите одобрени врз други основи бележат месечен и годишен пад од 1,1 отсто и 27,1 отсто, соодветно, се наведува во соопштението од Народна банка. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Пекабеско“ оствари добивка од 75,4 милиони денари за девет месеци

Редакција

Кои мали пратки кои се нарачуваат преку Интернет, од 1 јануари ќе бидат ослободени од царина

Редакција

Владимир Ивановски на местото на Андреа Шаги во Одборот на директори на Македонски телеком

Редакција