еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Преносливоста допрва ќе расте, а поради изминато време од вакцинацијата ќе опаѓа и имунитетот против заразување

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

„21.09.2021. Според сите индикатори моментално имаме состојба на стабилен раст, како што се нарекува заразувањето со приближно константен дневен број на нови случаи.

Ефективниот репродукциски број Rt (на првиот дијаграм) изнесува приближно единица, означувајќи дека моментално нема ни забрзување, ни забавување на епидемијата, туку возиме со приближно константна брзина.

Ова се гледа и на вториот дијаграм, каде зелената линија на трендот е речиси хоризонтална, т.е. во просек речиси нема ни намалување, ни зголемување на дневните броеви.

Доколку утре дневните бројки надминат 610, тоа би значело дека сепак полека започнува забрзувањето.

Сепак, во однос на минатата година, кога при крајот на септември репродукцискиот број веќе беше над единица (тогаш изнесуваше околу 1,20), оваа година прележаноста и вакцинираноста успеваат некако да ја компензираат – барем засега – 3-4 пати поголемата преносливост на Делта сојт во однос на вуханскиот сој.

На третиот дијаграм забележуваме дека стапката на позитивни тестови не покажува тенденција на намалување, што цело време ни кажува дека намалувањето на броевите на дијагностицираните исклучиво се должи на намалениот број на тестирања, односно завршувањето на сезоната на годишни одмори.

На четвртиот дијаграм забележуваме дека просечните фактори на раст на дневните броеви практично се еднакви на единица последниве неколку дена, но со тенденција на зголемување, што е неповолно.

Истата тенденција ја има и ефективниот репродукциски број Rt, којшто во наредните денови секако ќе излезе над единица, знаејќи дека доаѓаат постудени, а не потопли денови и населението сé повеќе време ќе поминува во затворени простории.

Прогнозата за наредните денови е дека најпрво ќе дојде до пораст на Rt (преносливоста), а потоа до пораст на дневните броеви. Тоа е она што нашите здравствени власти не го гледаат и не го разбираат. Тие ги гледаат само задоцнетите индикатори (неделните броеви, односно подвижните средини), а не ги гледаат водечките индикатори, односно трендот на раст на Rt, што ќе донесе и раст на дневните броеви.

Корисно е да се разбере што покажува константниот Rt, односно приближно константните дневни броеви на новодијагностицирани. Разбирањето е важно, за луѓето да знаат дека не сум некаков „врач-погодувач“, туку прогнозите сепак се темелат врз определена логика.

Имено, кога преносливоста, мерена преку базичниот (а не ефективниот) репродукциски број R0 би била константна, тогаш со текот на времето би се „исклучувале од игра“ заразените, би се намалувал бројот на чувствителните и ефективниот репродукциски број Rt би се намалувал.

Тоа е таканареченото експоненцијално намалување – би имале сé помали дневни броеви, намалувањето би било сé побавно, но никогаш не би имало застој (како што видовме во мај и јуни).

Но, во нашиот случај Rt не се намалува, односно во позадина има раст на R0 (пораст на преносливоста) па „исклучувањето од игра“ не е доволно брзо за да ги намалува дневните броеви.

Во најдобар случај би останало како што е сега, но поради доаѓањето на есента знаеме дека преносливоста допрва ќе расте, а со тоа и дневните броеви на нови случаи.

Веќе рековме дека Делта сојот има 3-4 пати поголема преносливост од дивиот вухански сој, но ние немаме 3-4 пати помалку чувствителни лица во популацијата во однос на ланската година, поради што има простор за понатамошно заразување (освен можеби во северозападна Македонија, каде што можеби веќе има доволно прележани).

Поради тоа може да се очекува пораст на броевите во текот на есента.

Конечно, дури и без никакви пресметки, постои една едноставна логика поради што знаеме дека прележаноста, заедно со вакцинираноста, не се доволни. При дадено R0 летоска (преносливоста во летни услови) епидемијата зарази колку што беше потребно лица за да згасне самата од себе – беше постигната рамнотежа во услови на летна преносливост. Ни повеќе, ни помалку од тоа.

Но, во услови на есенска или зимска преносливост (повисок R0), со оглед на тоа што со вакцинацијата не е значително намален бројот на чувствителните од летоска, епидемијата ќе мора да дозарази уште лица за да постигне нова рамнотежна состојба.

Во меѓувреме ќе дојде и до попуштање на имунитетот против заразување поради изминато време од вакцинацијата, така што се чини дека е неизбежен втор дел на бранот на Делта сојот.

Добрата вест е што сите понови соеви (Бета, Гама, Ета, Капа, Ламбда, Ми, C.1.2) ја губата трката со Делта сојот. Понов сој со уште поголема преносливост нема на видикот, така што по завршувањето на овој бран би требало да има само спорадично заразување (ќе го има уште долго време), но без вакви бранови како досега.

Инаку, во светот има големо намалување на броевите на нови случаи, а кај починатите има рекордно ниски броеви, што не се видени подолго од една година. Но, тоа важи за земји со висок опфат со вакцинација или со ниска преносливост.

Кај нас на Балканот, пред сé во Македонија и БиХ тоа не важи, па ние ќе продолжиме со неконтролирано заразување сé до постигнување природна рамнотежа. Тоа веројатно нема да биде колективен имунитет од заразување, туку Ковид-19 би преминал во некаква сезонска болест“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Со вакцините не успеваме да ја намалиме смртноста, останува да се бориме со превенција на заразувањето

Проф. Трајковски: Бројките на починати, нови случаи и хоспитализирани во следниот период ќе искачуваат

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Притвор за командир и двајца затворски полицајци за бегството на Беким Мемети

Редакција

Министерката Мизрахи: Таблата поставена во Министерството е наследена, не постои стара и нова

Редакција

124 заболени од голема кашлица во Скопје

Редакција