еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Истрага за осум трговци со македонско културно наследство

По неколкумесечна предистражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица поради на активности за присвојување и продажба на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости.

Како што информира Јавното обвинителство, двајцата првообвинети во периодот од мај минатата година до денес, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, создале група на која се придружиле останатите осомничени.

– Осомничените поединечно и заедно преземале дејствија на присвојување и продажба на добра под привремена заштита, културно наследство и природни реткости. Употребувајќи сонди и метал детектори без дозвола од надлежен орган испитувале локалитети низ целата територија на државата. Како ориентација користеле сателитски снимки, карти и рачно напишани текстови и преданија, а потоа со употреба на хилти, копачи и други градежни алатки и градежна механизација правеле археолошки ископувања и минеролошко петрографски истражувања, соопшти Јавното обвинителство.

Откриените артефакти – добра под привремена заштита, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови. Потоа, стапувале во контакт со непознати лица припадници на групата кои биле по потекло од Грција, Турција, Албанија, Хрватска, Србија и САД и како на заинтересирани купувачи им ги продавале добрата за договорен износ. Купувачите артефактите ги изнесувале надвор од границите на земјава со што трајно го оштетиле археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни  и научни институции и нанеле непроценлива штета на државата.

Осумтемината се осомничени дека со преземените дејствија освен „злосторничко здружување“, ги сториле и кривичните дела „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости„ и „прикривање“.

– Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, наведуваат од ЈО.

Групата оперирала на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети и тоа: Вртекица, Сливица, Герман, Белица, Горна Јаболчица – кичевско, Долно Јаболчиште – велешко, Мочурлива вода, Чатал камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Болдовенци, Журче – крушевско, Ловор, Лопатица и на други локации.

Во денешната акција спроведена од страна на Министерството за внатрешни работи под раководство на предметниот обвинител при претрес на домовите на осомничените пронајдени се предмети под привремена заштита, односно културно наследство со непроценлива вредност сопственост на Република Северна Македонија, како и природни реткости и други скапоцени предмети прибавени со кривично дело и истите ќе бидат предадени на идентификација. Воедно, од слобода се лишени сите осомничени и во текот на денешниот ден ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.

– Надлежниот обвинител ценејќи дека се исполнети законските услови до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на мерка притвор за шестмина осомничени, се вели во соопштението. мс/сп/

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Европската комисија ќе ѝ даде милијарда евра помош на Турција по земјотресите

Редакција

СОНК и МТСП се договорија: Нема да се кратат платите за вработените во градинките кои штрајкуваа

Редакција

Зголемување од 5,6%: За една недела 38 лица по вторпат заболеле од Ковид-19

Редакција