„Дидактика на родители“ е трета по ред научно-стручна публикација од универзитетскиот професор Деан Илиев, кој е доктор на педагошки науки и редовен професор по предмети од областите: Педагогија, Социјална педагогија и Образование на возрасни (перманентно образование) на Педагошкиот факултет – Битола, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде работи од 1999 година.
„Дидактика за родители“ е прва публикација од овој вид во нашата земја и пошироко, затоа што до сега дидактиката како теорија на учењето и поучувањето била наменета само за реализаторите на воспитно-образовниот процес.
„Дидактика за родители“ е водилка и упатство за родителите во спознавање на улогата на наставниците, училиштето и државата во развојот на детето, а во исто време се очекува оваа книга кај родителите да развие критички однос кон сопствената улога во училиштето и надвор од него.
Во центарот на книгата е родителот, а целта е да се зголеми учеството на родителите во процесот на поучување и учење.
Од друга страна, книгата претставува можност искусните наставници да ги освежат своите знаења од дидактиката, да ги откријат иновациите во дидактиката како наука, но и да ги разберат и искористат современите компетенции на родителите како партнери во процесот на поучување.
Книгата е можност идните наставници да ги прошират дидактичките знаења, да ја прифатат улогата на родителите во поучувањето и учењето, да научат да дизајнираат облици на соработка во поучувањето и учењето и да ги користат на соодветен начин личните, социјалните и професионалните капацитети на родителите при поучувањето.
Деан Илиев е ментор е на поголем број кандидати на магистерски и докторски студии на Педагошкиот факултет – Битола, а соработува и со невладиниот сектор, реализира обуки за учење на возрасни, обуки за родители, обуки за професионален развој на наставниците и воспитувачите.
Бил координатор, раководител и учесник во многу меѓународни и домашни, апликативни и научно-истражувачки проекти, на голем број конференции, а има објавено и научни трудови и статии во реномирани научни списанија индексирани во WEB of Science и SCOPUS.
Автор е на две значајни публикации и тоа: Иницијалното образование на наставниците од основното образование (компаративна студија за Македонија и Англија) (1996, Битола: Факултет за учители и воспитувачи), и Акциони истражувања во образованието (2006, Битола: Педагошки факултет-Битола).
ПРОМОТИВНА ОБЈАВА