еМагазин
Image default
Бизнис

Нов протокол со ЕУ ќе овозможи нови поволности за македонските бизниси за настап на европските пазари, велат од МНР

Владата на денешната седница, а на предлог на министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја донесе Одлуката за предвремена примена на измените на Протоколот за потекло на стоки од Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија со што се обезбедува правна основа за примена на ревидираните преференцијални правила за потекло на стоките од почетокот на месец ноември 2021 година, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).

„Со промените од новите правила за потекло на стоки ќе бидат засегнати сите економски оператори и компании во нашава држава што се занимаваат со извоз.

Со оглед на тоа што околу 85% од целокупниот извоз на Република Северна Македонија се врши со земјите-членки на ЕУ и 24-те држави во Пан-Евро-медитеранската зона (ЕФТА, Турција, ЦЕФТА, земјите од Источното партнерство и медитеранските земји), овие нови правила претставуваат своевидна револуција во надворешно-трговската размена.

Производителите во Северна Македонија ќе добијат големи можности за увоз на суровини без царина од трети земји и извоз на готовите производи во ЕУ, исто така, без царина.

Придобивки ќе имаат сите индустрии, но најголеми ќе имаат компаниите што произведуваат технолошко современи производи, особено компаниите од автомобилската индустрија и компаниите во ТИРЗ. Големи погодности ќе имаат и компаниите од прехранбената и преработувачката индустрија,“ информираат од МНР.

Во соопштението се додава дека новите правила за потекло на стоки им отвораат поголеми можности на компаниите да обезбедат поевтини суровини при создавањето на производите за овие пазари, имајќи предвид дека со оваа одлука се укинуваат царините на суровините за преработка.

„Дополнително, со намалување на условот за процентот на додадена вредност од 60% на 50% како домашен придонес во создавањето на производот, се унапредува нивната позиција на странските пазари, стануваат далеку поконкурентни, но истовремено се создаваат услови и за нови странски инвестиции кои добиваат можности за извоз на овие пазари со далеку подобрени услови преку овие нови правила.

Овие правила треба да ја олеснат економската интеграција на нашата држава на регионалниот економски пазар  и консолидација и развој на интегрирани синџири на снабдување со земјите од регионот што ги применуваат новите преференцијални правила за потекло.

Според анализите што се правени, според новите услови за потекло, нашиот извоз треба дополнително да се зголеми на годишно ниво за 6,3%,“ потенцираат од МНР.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„АС Сењак“ ги продаде сите акции во Жито Полог

Редакција

Кој има поголем пазарен удел Македонски Телеком или А1 Македонија?

Редакција

„Нискоградба Битола“ го доби тендерот за изработка на колектор за фекално отпадни води за Бегова чешма вреден 233.000 евра

Редакција