еМагазин
Image default
Македонија

Македонија седма во светот според Индексот за политиките за дроги

Македонија е рангирана на седмо место во светот според Глобалниот индекс за политиките за дроги, во класификацијата со која се опфатените 30 земји.

Земјава е на делба на седмото место со Грузија со ист број на индексни поени, а пред нив се Канада (6), Австралија (5), Велика Британија (4), Португалија (3), Нов Зеланд (2) и Норвешка (1)…

Од европските земји кои се полошо оценети од Македонија се Унгарија на 12 место и Русија на 20 место.

– Ова седмо место не треба да се гледа како успех за Северна Македонија, која беше оценета со 55 од 100 можни бодови. Во секој учебник индексот 55 не се оценува како добро постигнување. Посебно ако се земе предвид и друштвото односно групата на земји кои беа оценувани од кои поголемиот дел се познати по своите лоши политики за дроги.

Овој индекс треба да се чита во насока дека македонската Влада и институции имаат уште многу работа за креирање на содветна политика за дроги која ќе се базира на здравјето и човековите права, велат од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Оттаму, наведувајќи ги клучните факти за Македонија во првото издание на Глобалниот индекс на политика, истакнаа дека  во пет од 30-те земјите опфатени со класификацијата (Бразил, Колумбија, Киргистан, Мексико и Македонија), вклученоста на војската или специјалните безбедносни сили во операциите за контрола на дрогата се смета за „ендемична за пристапот на земјата кон спроведување на законите поврзани со дрогата“.

– Загрижувачки е тоа што во податоците на Индексот се нагласени широко распространетите прекршувања на човековите права, направени во име на контрола на дрогата во рамките на казнено-правниот апарат, вклучително и насилство и тортура извршени од полицијата и произволни апсења и притворања, при што само мал број земји известиле дека тоа се ретки појави.

Во Авганистан, Кенија и Киргистан, на пример, насилството од страна на полицијата се смета за широко распространето во напорите за контрола на дрогата, додека тоа се смета за ретка или многу ретка појава во само шест земји (Костарика, Унгарија, Нов Зеланд, Северна Македонија, Норвешка и Обединетото Кралство).

Слично на тоа, случаите на произволно притворање се сметаат за ретки во само три од 30-те земји – Нов Зеланд, Португалија и Обединетото Кралство, велат од ХОПС.

Во однос на правото на правично судење за лицата осомничени за прекршоци поврзани со дрога, според Глобалниот индекс, можноста да им се гарантира фер судење се смета за неверојатна во Авганистан, а Македонија е во групата од 12 земји со значителни ограничувања во пристапот до правично судење, заедно со Грузија, Гана, Кенија, Киргистан, Мексико, Мароко, Мозамбик, Непал, Русија, Тајланд и Уганда.

Пристапот до правично судење се смета за гарантиран само во седум земји: Австралија, Канада, Костарика, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија и Обединетото Кралство.

Индексот ги оценува достигнувањата на владите во однос на достапноста и употребата на алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување за дела поврзани со дрога. Австралија, Јамајка, Нов Зеланд, Македонија и Португалија добиле највисоки оценки (85/100) во обезбедувањето алтернативи за апсење, обвинување, осудување и/или казнување, а најниско рангирани се Колумбија, Грузија, Кенија, Мароко, Мозамбик и Уганда.

– Само девет земји, вклучително и Северна Македонија, заедно со Австралија, Костарика, Јамајка, Киргистан, Мексико, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија и Русија, понудиле алтернативи во сите три фази (апсење, обвинување, осудување и/или казнување).

Уште позагрижувачки, само 11 земји нудат низа опции за третман врз основа на потребите и претпочитувањата на луѓето (Авганистан, Австралија, Канада, Гана, Унгарија, Јамајка, Нов Зеланд, Северна Македонија, Португалија, Сенегал и Обединетото Кралство), посочуваат од ХОПС.

Само една земја (Канада) има одредба за спроведување на програми за размена на стерилни игли и шприцеви во затворски услови, иако покриеноста е многу ограничена. 15 од 30-те испитани земји обезбедуваат ОАТ (Третман за одржување со опиоидни агонисти) во затворите, но во пракса само три земји (Македонија, Португалија и Обединетото Кралство) имаат обезбедено пристап до третман за одржување со опиоидни агонисти за повеќе од 40 проценти од луѓето, кои се корисници на дроги во затвор.

Првото издание на Глобалниот индекс на политика за дроги кој беше објавен во ноември 2021 од страна на Конзорциумот за намалување штети (Harm Reduction Consortium), коалиција на граѓански и здруженија од заедницата, во партнерство со академици, открива дека најголем број од земјите во светот не успеале своите национални политики за дроги да ги усогласат со препораките на Обединети Нации.

Тие упатуваат итен апел до владите, реформите во оваа област да бидат нивен приоритет.

Глобалниот индекс на политика за дроги (The Global Drug Policy Index) е првата глобална анализа заснована на докази на глобалните политики за дроги и нивната имплементација.

Таа се состои од 75 индикатори кои се однесуваат на пет широки аспекти на политиките на дроги: казнено-правен систем, екстремни реакции, здравство и намалување на штети, пристап до меѓународно контролирани лекови и развој.

Низ оваа призма, оваа единствена и прва ваква алатка до сега, ги документира, мери и споредува националните политики за дроги, рангирајќи ја секоја земја според бодови.

Овој систем покажува колку политиките за дроги на една земја се усогласени со принципите на Обединетите нации за човекови права, здравство и развој. Како таков, овој Индекс претставува основен механизам за евалуација во полето на политики на дроги.

Првиот индекс ги евалуира достигнувањата на 30 земји во светот, опфаќајќи ги сите региони во светот, вклучувајќи ја и Македонија и дополнително вклучува и вистински, животни приказни.

Глобалниот индекс на политика за дроги е проект на Конзорциумот за намалување на штети, кој ги вклучува следните партнери: Европска мрежа на луѓе кои употребуваат дроги (ЕуроНПУД), Евроазиската мрежа за намалување на штети (ЕХРА), Евроазиската мрежа на луѓе кои употребуваат дроги (ЕНПУД), Глобалната опсерваторија за политики за дроги (ГДПО), Универзитетот Свонси, Меѓународната асоцијација за намалување на штети (ХРИ), Конзорциумот за меѓународна политика за дроги (ИДПЦ), Мрежата за намалување на штети на Блискиот Исток и Северна Африка (МЕНАХРА), Западноафриканската мрежа за политики за дроги (ВАДПН), Меѓународна мрежа за жени и намалување на штети (ВХРИН) и Јут Рајз.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Новинар на Алсат-М ја искина новинарската легитимација од Владата оти не била напишана на албански јазик

Редакција

Детален преглед на активни случаи на Ковид-19 по скопските општини

Редакција

Заев: Ќе побараме одложување на изборите

Редакција