Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека е задоволен што европските лидери „конечно разбрале каде е вистинскиот проблем со Северна Македонија“ и оти сите обиди да се изврши притисок врз Софија се контрапродуктивни.
– На сите европски совети – од мај, разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем.
Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ – човековите права и недискриминацијата, изјави Радев за бугарските медиуми во Брисел каде што учествува на шестиот самит на Источното партнерство и Европскиот совет.
Радев, како што пренесува БГНЕС, истакна дека Софија ќе продолжи да ја брани својата позиција, не само историјата, посочувајќи оти главен приоритет е почитувањето на човековите права на луѓето со бугарски идентитет.
– Не даваме рокови. Овој процес не е воден од рокови, туку од резултати, рече Радев.
Според него, сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни.
– Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ја знае позицијата на Бугарија и затоа не очекувам притисок. Имаме јасен договор. Со Франција мораме да ги решиме енергетските прашања, додаде Радев.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕУ дипломати: Нема поддршка за одвојување на Македонија и Албанија на европскиот пат
Совет на ЕУ: Ни преговори, ни датум за Македонија додека не се повлече бугарското вето
МИА/Фото: Фејсбук/Радев