еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Фото) Руши рекорди во посетеност, но има и зошто: Пештерата Стопич на Златибор и нејзиниот „автохтон вид“ на водич

Златибор е питома планина во Србија која нуди многу можности за алтернативен туризам, за љубителите на планината, природата, селата..

Ски-центарот Торник, кој е на 9 километри од туристичкиот центар Златибор е на ниска надморска височина, нешто под 1.500 метри, и оттука, при високи температури, тешко е да се зaдржи и вештачкиот снег. Имено, затоа и не е примамлив за страсни скијаши, но е одличен, за некој „има време и за скијање, дај да истражиме што нуди местото.“

Чекајќи го природниот снег, кој е најавен за следните денови, Златибор нуди други можности кои ќе ви го исполнат времето.

На пример, посета на пештерата Стопич, која се наоѓа на 19 километри од туристичкиот центар.

Оваа пештера во 2005 година е ставена под заштита на Република Србија, како споменик на природата, заштитено природно наследство од исклучително значење. Пештерата е отворена за туристички посети од 2009 година.

Сталактити и сталагмити во љубовен занес

Влезот во пештерата е еден од наголемите во Србија со импонзантна димензија, висок е 18, а широк помеѓу 30 и 40 метри, што ја прави еден од најпристапните спалеолошки објекти во Србија.

Низ годините, бројот на посетители расте, а во 2020 година е достигнат рекордот од 100.000 туристи од Србија, регионот и целиот свет.

Посетителите ги пречекува водич кој раскажува за пештерата и притоа има исклучително интересен и духовит пристап.

„Од живиот свет во пештерата има лилјаци, пајаци, речни ракови кои поради недостаток на природна светлина со време го изгубиле пигментот, па се специфични по својата бела боја. И јас, вашиот водич, како автохтон вид,“ им објасни тој на туристите, без чие што присуство, не можете да влезете во пештерата.

Од него дознавме дека пештерата е стара четири милиони години, но имаше и интересно објаснување за спојувањето на сталактитите („украсите“ во пештерите кои висат на таваните или ѕидовите и се создваат како резултат на таложење на калциум карбонат) и сталагмитите („украсите“ во пештерите кои растат во спротивен правец од сталактитите, односно од под кон врв) чие што „растење“ и спојување, нашиот „автохтон вид“ на водич, го спореди со љубовта, страста, копнежот.

За создавање на еден санитиметар од овие украси, потребни се 100 години. Некои од сталактитите и сталагмитите се спојуваат, на некои, малку им фали да се допрат (некои 300 години), и затоа, таа состојба, според водичот се нарекува копнеж.

Од пештерскиот „накит“ посебна атракција се огромните сталактити, кои висат над када. Еден од нив е долг шест метри и има пречник од 60 сантиметри. Врвот на сталактитот е нурнат во кадата.

Патеката на „Хари Потер“

Стопич е речна пештера и низ неа поминува Трнавски поток. Долга е 1.691 метар, но е разгранета, и се состои од пет дела Светла сала, Темна сала, Сала со кади, Канал со кади, кои се отворени за јавноста, но има и Речен канал кој се подготвува како следна туристичка атракција.

Во пештерата се наоѓаат шест отвори на врвот и со неа се поврзани со странични канали. Отворите се со различна големина, а најголемиот е долг 22,5 метри и широк 16 метри. За нивната поврзаност со пештерата, мештаните од околните села на интересен начин дошле до тој заклучок, дури и пред откритието на првите спелеолози.

Во секоја од тие шест отвори фрлале обоени камења и тие камења ги пронаоѓале токму во неа, што е доказ дека отворите, се дел од пештерскиот систем.

Шетањето покрај овие отвори е забрането, бидејќи патеката се уште не е во потполност средена, но во иднина се планира да биде уште една туристичка атракција. Имено, на оваа пештера постојано нешто се прави, па затоа, голем број туристи повеќе пати ја посетуваат, бидејќи секогаш откриваат нешто ново.

Осветлувањето во различни бои, посебно ја нагласува убавината на подземниот пејзаж, кој го краси и водопад во висина од безмалку 10 метри и се нарекува „извор на животот“. Истиот се формира од страна на Трнавски поток, кога има многу вода, која доаѓа од околните места.

Или е пресушен или е застрашувачки. Според сведочењето на спелеолозите, понекогаш бил толку бил бучен, што не можеле да се слушнат едни со други, а силината на водата давала чувство на тресење на пештерата.

Прошетката низ оваа природна убавица е уникатна, бидејќи буквално се провлекувате низ сталактити, за што, водичот со право вели дека е како движење по патека од филмот „Хари Потер“.

А децата, навистина поверуваа дека тука е снимен.

Фото: емагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инспиративна приказна на 99-годишна Израелка: Го преживеала Холокаустот и го прележа корона вирусот

Редакција

Од утре лични карти со „Северна“

Редакција

Пандемијата со Ковид-19 ја зголеми анксиозноста и депресијата кај адолесцентите

Редакција