На Божик се сеќаваме на Христовото раѓање. Го славиме Господа Исуса Христа. Го славиме Неговиот роденден.
Бог постанал човек. Бог дошол на земјава. Христос е Син Божји Којшто е роден како човек од Дева Марија. Он е во сè еднаков со нас луѓето, освен во гревот – нема грев, безгрешен е.
Каде се родил Исус и зошто?
Една ноќ, во градот Витлеем – во пештера, се родил Господ Исус Христос.
Он е Спасител. Дошол за да нè спаси. Дошол за да можеме ние да бидеме како Него во своите животи. Да бидеме добри, како што е добар Бог – добри секогаш, со секого и секаде.
Раѓањето на Господ Исус Христос
Богородица живеела со Јосиф во Назарет. Таа година, дошла наредба од римскиот цар Август да се изврши попис на населението. Според законот за пописот, требало секој да отиде во родното место на неговите родители и дедовци, од каде што потекнувал, и таму да се попише. Потеклото на Јосиф и Марија било од Витлеем, од родното место на царот Давид, бидејќи и тие биле од неговиот род.
Уште во Назарет Јосиф знаел дека Марија ќе постане мајка. Нему му се јавил ангел Господов и му кажал дека зачнатото во неа е од Светиот Дух. Му го кажал и тоа дека таа ќе роди Син и му рекол: – Ќе Му ставиш име Исус, што значи Спасител, бидејќи Он ќе го спаси народот.
Сето тоа било предвидено и претскажано со векови порано. Во Библијата било запишано тоа што го рекол пророкот Исаија и се исполнило. А тој рекол: И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе Го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!
Тие тргнале кон Витлеем. Патот бил долг и тежок. Многуброен народ одел кон царскиот град – кон градот Давидов. Кога стигнале таму, веќе немало место каде да ноќеваат. Затоа се сместиле во една пештера, близу до градот. Таму пастирите, во невреме, ги засолнувале своите стада.
Во таа ноќ се случил најзначајниот настан во животот на човештвото. Таа света ноќ, пресветата Дева Марија Го роди Богочовекот, Спасителот на светот, Го роди Христа Господа. Таму, в пештера, Го роди Богомладенецот. Самата Го пови и Го стави во јаслите, како во лулка. А таму се става храната – слама или сено, за да се нахранат кравата, магаренцето, јагнето. Синот Божји не се роди во царска палата, туку во пештера.
Кој прв ја дозна веста за раѓањето?
Пораката до пастирите ја открива важноста на Христовото раѓање за сите луѓе
Ноќта таму, на падините крај пештерата, пастирите ги чувале своите стада. Наеднаш, ги осветлила силна небесна светлина и ангел Божји им рекол: Ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ.
Потоа, веднаш, на небеската бесконечност се појавиле безброј ангели и сите, гласно, како најдобар хор запеале:
Слава на Бога во висините,
а на земјата мир
и меѓу луѓето добра волја!
Во овие три пораки е содржана целата порака за спасение на луѓето:
Слава на Бога во висините, значи: Бог не е од овој свет и не Го барајте Бога меѓу созданијата. Ништо одовде и никого не обожувајте (а до доаѓањето на Христа, луѓето сметале дека се богови некои природни појави, па имале „богови“ животни од сите видови и „богови“ луѓе). Бог е дух и во духовните сфери, во висините. Тој Бог прославувајте Го, а не лажните богови. Имајте вистинска вера во вистинскиот Бог, за да се спасите!
А на земјата мир градете со сите и со сè. Прво, бидете во мир со себеси, внатре имајте мир, бидете смирени, а не вознемирени; а потоа, ширете го тој мир, па бидете во мир и со природата и не се однесувајте како злосторници кон неа, оти од неа живееме; и трето, бидете во мир со луѓето, за да бидете измирени и со Бога и да има мир на земјава.
И тогаш, меѓу луѓето ќе има постојано добра волја – секој секому ќе му прави добро. Тоа е почеток на рајот на земјава. Такво е спасението. Само толку е потребно!
Пастирите – први очевидци и први гости кај Господа
Пастирите, не чекале многу. Светлината ја виделе и гласот го чуле. Разбрале сè. Сè им било јасно. Во нивната пештера се случило најважното чудо Божјо – Бог станал Човек. Бог дошол на земјава, меѓу нас луѓето, за да биде со нас, та и ние да бидеме со Бога.
Пастирите први отишле кај Господа. Отрчале во пештерата и таму Го нашле Спасителот. Му се поклониле. Тие биле први посетители – првите Негови гости.
Гледате, за Христа не дознале први големите и силните од овој свет, туку безначајните пастири. Зошто? Затоа што тие биле луѓе смирени и кротки, луѓе со добра душа и со чисто срце. Таквите ќе Го видат Бога!
Потоа, тие кажувале на секого и секаде, за тоа што го виделе и чуле.
Истрајноста на мудреците да Го најдат новородениот Спасител.
Но, не биле само пастирите што посакале да Го видат Господа. И други луѓе, од далечни земји, добиле знак за раѓањето на Спасителот на светот, и веднаш тргнале да Го видат Бога. Од далечниот Исток, пристигнале тројца мудреци коишто на небото забележале нова и многу сјајна ѕвезда.
Тие биле многу учени луѓе – мудреци, важни научници и проучувачи на пројавите на земајава и на небото. Луѓе што ги проучувале и ѕвездите на небото. На тој начин дознаеле дека една необична ѕвезда го најавила раѓањето на Спасителот.
И не чекале, туку тргнале по ѕвездата, од нивната далечна земја – од Персија и дошле да Му се поклонат на Богомладенецот. Ѕвездата ги водела до таму: таа светела и дење и ноќе и ги довела до пештерата. Тројцата мудреци Му подариле на Господа три дара: злато – како на Цар; ливан (темјан) – како Бог и смирна – како човек, Којшто ќе пострада и ќе умре на крст, заради нас и заради нашето спесение.
Ѕвездата значи дека Христос е светлина на светот. Светлина којашто никогаш нема да престане.
Радост заради Божјата близина
Како што тогаш се радувале пастирите, мудреците и сите луѓе, затоа што се родил Спасителот на светот, така и ние се радуваме секој Бадник и Божик, прославувајќи го Христовото раѓање. Тоа е празник на целото христијанско семејство.
На Бадник сите заедно вечераме, а утредента – на Божик, одиме в црква. Најмногу се радуваат децата, со најискрена радост за новороденото Дете – Богомладенецот Христос. И Бог најмногу ги сака децата, бидејќи се најчисти и безгрешни. Затоа рекол дека треба да станеме како деца, за да влеземе во царството небесно, а децата се: добри, незлобиви, радосни, чесни, чисти и полни со љубов. Тоа ја прави голема Божикната радост во семејствата.
Честит Божик и од Бога благословено Новото Лето Господово.
Христос се роди! Вистина се роди!
(За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски)
МИА