еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Цените лани се зголемиле за 3,2 проценти, притисоците за нивен раст продолжуваат велат од Народна банка

Речиси сите макроекономските показатели се движат во согласност со очекувањата, но неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19 и нејзините ефекти и понатаму постојат, заклучи на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на цените за 2021 година е во рамки на проекцијата. Во просек за целата 2021 година, годишниот раст на цените изнесува 3,2 проценти, при проектиран раст од 3,1 процент.

„Сепак, како и во глобални рамки, во последниот период, годишниот раст на цените забрза, а очекувањата за увозните цени се коригирани нагоре. Ценовните притисоци се последица на растот на цените на примарните производи и приспособувањата поврзани со специфичноста на пандемијата, за коишто меѓународните финансиски институции очекуваат постепено стабилизирање.

Оттука, ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, без поголеми притисоци од побарувачката. И покрај тоа, потребно е внимателно следење.

Неизвесноста поврзана со ценовните промени и понатаму е нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со развојот и справувањето со пандемијата, како и од зголемената неизвесност на светските пазари на енергенси.

Доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, Народната банка е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага,“ се вели во соопштението.

Во однос на движењата во реалната економија, во третиот квартал од 2021 година, бруто домашниот производ бележи реален раст од 3 проценти на годишна основа.

„Овие остварувања упатуваат дека домашната економија и натаму постепено закрепнува, во услови на натамошна имунизација на населението и без поголеми негативни ефекти од појавата на четвртиот бран на Ковид-19 во овој период.

Во просек, во првите три квартали на 2021 година, економијата бележи реален раст од 4,6 проценти, што е блиску до очекувањата на Народната банка од октомвриската проекција. Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври ‒ ноември главно упатуваат на натамошен годишен раст на економската активност.

Имено, податоците за овој период покажуваат продолжување на високите годишни стапки на раст кај прометот во вкупната трговија и угостителството.

Од друга страна, во овој период индустриското производство забележува пад, но поумерен во однос на претходниот квартал, а поблаг годишен пад покажуваат и податоците за октомври кај извршените градежни работи,“ додаваат од Народна банка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Банкарскиот сектор соодветно се справува со предизвиците наметнати од воениот конфликт, велат од Народна банка

Редакција

Нови 28 случаи на Ковид-19, оздравени 39, нема починати

Редакција

Во Македонија има повеќе жени заразени со корона вирусот

Редакција