еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(ВИДЕО) Сузбиена меѓународна криминална група за трговија со дрога, приведени 10 лица, запленета дрога вредна над 200.000 евра

На подрачјето на Скопје во спроведена заедничка координирана полициска акција, вчера се лишени од слобода 10 лица и запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра.

Со ова, соопштија денеска од МВР, е сузбиена меѓународна криминална група во која покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција.

Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 10 лица за извршено кривично дело по член 215 став 3 и истите ќе бидат спроведени пред Судија на претходна постапка до Основен кривичен суд – Скопје.

– По преземени мерки и активности, во вечерните часови, на локалниот пат за село Сопиште од страна на полициските службеници биле запрени две патнички возила, и тоа „рено флуенс“, управувано од С.Ф.(36) и „фолксваген венто“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ф.(30), двајцата од село Никиштане.

Првото возило имало задача да биде „чистач“, односно да известува за присуство на полициски патроли, а при извршениот преглед во багажникот од второто возило била пронајдена вреќа во која биле спакувани 27 пакувања со марихуана, појаснуваат во соопштението од МВР.

Истовремено, на крстосницата кај трговски центар на подрачјето на Бит Пазар, од страна на полициски службеници од Интервентна полиција биле лишени од слобода М.Л.(49) од Ѓирокастро, Р.Албанија, Љ.Н.(59) од Скопје и И.Е.(41) од Тетово, кои се превезувале со патничко возило „пунто“, а координирано, во населбата Ѓорче Петров, бил лишен од слобода А.П.(57) од село Грчец.

Од страна на полициски службеници од оперативен тим Потраги заедно со Единицата за брзо распоредување биле извршени претреси на две локации во село Патишка Река. Притоа, од слобода биле лишени две лица, и тоа М.А.(19) од с.Патишка Река и К.К.(31) од Скопје.

За М.А., се наведува во соопштението, биле распишани три Централни потерници, по три судски наредби, веќе осуден на две години казна затвор и дополнителна мерка притвор, додека К.К. се барала по Централна потерница и судска наредба со определена мерка притвор, а при претресите биле пронајдени уште 26 пакувања марихуана.

Претреси биле извршени и на повеќе локации во Скопје, и тоа во село Никиштани, кај С.Ф.(36), при што биле пронајдени машини за копање на биткоини, со кои се вршела кражба на електрична енергија, како и на подрачјата на Карпош и на Бит Пазар, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела.

На излез на Граничен премин Долно Блаце, од страна на гранична полиција при Регионален центар Север бил лишен од слобода и косовскиот државјанин Ф.Т.(32), при обид да побегне од државата.

Акцијата била спроведена од страна на полициски службеници од Бирото за јавна безбедност – Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во содејство со Одделот за специјални полициски операции со САЕ „Тигар“, Единицата за брзо распоредување, како и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, Оперативен тим потраги, Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, по насоки од надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје.

Видео: МВР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Мали поместувања“ во третата рунда руско-украински преговори

Редакција

НЛБ Банка воведува Garmin Pay: Модерно решение за бесконтактно плаќање, создадено за луѓе кои се секогаш во движење

Редакција

Црна статистика: Секоја година над 100 самоубиства, најчесто со бесење

Редакција