еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Штрајкот продолжува, СОНК и МОН без договор за платите

Штрајкот ќе продолжи и во наредните денови зашто немаме конкретно ветување дека зголемувањето на платите ќе биде во висина од некој процент. Со преговори ќе продолжиме и сме расположени во секое време да се сретнеме кога ќе побараат од нас, ќе бидеме достапни, изјави претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков по денешната средба со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на кој се разговарало на повеќе теми поврзани со образовниот систем во државата.

– Сите сме расположени да прекине штрајкот и да почне наставата, но секако за тоа треба да одлучи членството, а ќе одлучи само врз основа на конкретен предлог што би го прифатиле мнозинството од членовите, рече Неделков, додавајќи оти тоа се разговори, преговори и многу ќе зависи од тоа како ќе завршат во однос на зголемување на платите.

Од таа причина, додаде, очекуваме од Министерството за образование и наука (МОН) овие денови да излезат со конкретен предлог, па и со некаков допис, како што рече, што написмено ќе го имаме од нив како гаранција за тоа што се договараме. Дали веднаш ќе можеме да одлучиме да се стави штрјкот во мирување или не, потенцира Неделков, ќе зависи од тоа што МОН односно Владата ќе излезе со предлог.

Според него, и двете страни имаат ист став дека преговорите мора да се интензивираат, што побрзо да се најде заедничко решение и за да можат децата да одат во училиште и да имаат редовна настава.

На средбата, како што информираше Неделков, повеќе се разговарало во делот на продолжување на наставата, кога ќе продолжи наставата, како ќе се надополнат часовите, кои се последиците од штрајкот и друго.

Како што истакна претседателот на СОНК, министерот Шаќири подвлекол дека ќе има зголемување на платите, дека се прават максимални напори од другите министерства, на ниво на Влада, да се се пренасочат средства.

– Неговото уверување беше дека ќе има, меѓутоа и самиот не знае колку ќе има и затоа ниту тој сакаше да шпекулира, ниту ние не знаеме за колку средства се работи, изјави Неделков.

Тој информира и дека немаат добиено никаков предлог и од таа причина, рече, не може да зборува за сума.

Во СОНК, појасни, имаат поинаков став во однос на пролонгирањето на учебната година и сметаат дека учебната година може да заврши, дека не мора да се продолжува и оти може во рамки на оваа учебна година да се надокнадат тие изгубени часови.

– Секој наставник во зависност колку наставни часови изгубил на неделно ниво во рамки на работниот ден, дополнително ќе вложи напори за да ги надокнади тие наставни содржини, изјави претседателот на СОНК.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Состанок на Заев во Владата со лидерите на коалициските партнери

Редакција

Грчката опозиција бара од Владата во Атина да ги ратификува меморандумите со Македонија

Редакција

Боре Видевски, осомничен за убиствата на Вања и Панче, останува во притвор

Редакција