Министрите од регионот денеска во Белград на заеднички состанок ја повикаа косовската Влада целосно да ги укине зголемените царини за извоз на земјоделски производи во Косово, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тие ја поздравиле одлуката на Косово за делумно укинување на зголемените царини, но побарале од Приштина итно и целосно да ги укине воведените зголемени царини за извоз на земјоделски производи.
Иницијатор на средбата и домаќин бил српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, а на средбата учествувал и македонскиот министер за земјоделство Љупчо Николовски.
– Сметам дека енергијата која ја дадовме до сега вроди со плод. Вчера на владина седница, Приштина донесе одлука за повлекување на царината од поголем дел од производите. Но,имајќи предвид дека на сила се мерки за зголемена царина за дел од производи за кои Македонија има извоз во моментов, бараме укинувањето на одлуката да се случи веднаш. Сметаме дека е потребно итно отповикување на оваа одлука која е спротивна на договорот ЦЕФТА, но и на СТО. Ние очекуваме укинување на оваа одлуката – изјави Николовски.
Љајиќ ги повикал и останатите членки на договорот ЦЕФТА да работат на укинување и отстранување на сите трговски бариери кои се спротивни на принципите на слободната трговија.
Учесниците на денешниот состанок истакнале дека се залагаат за реформа на ЦЕФТА, за олеснување на трговијата на Западен Балкан.
Фото: МЗШВ