еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Соборниот храм по повод Велигден: Верниците треба цврсто да веруваат дека вистинската надеж секојпат е во Бога

Велигден е најголем празник и најголем ќе остане, затоа што ние си го сакаме нашиот спасител, си го сакаме Бога. Токму затоа верниците секојпат треба цврсто да веруваат дека вистинската надеж секојпат е во Бога, зашто самиот Христос рекол: „Јас сум пат, вистина и живот“, надвор од него нема да ја најдеме, токму затоа се радуваме кога ќе ги видиме нашите верници радосни, порача за МИА отец Сашо Николовски од Соборен храм Св. „Климент Охридски“.

Тој раскажа за рускиот светител Св. Серафим Саровски, кој честопати велел „Христос воскресе, радост моја“, секојпат се сеќавал на христовото воскресение знаејќи дека тоа е настанот кој го спасува човештвото, знаејќи дека Христос ја победил смртта. Потсетува дека овој наш земен живот е само да го спечалиме небесниот вечен живот.

Отецот, осврнувајќи се на лошите настани што ги доживеа човештвото во изминатите две години, вели дека тие не потсетиле оти треба малку да се погледнеме едни со други, да погледнеме околу, да ги погледнеме сите работи кои ги правиме и да сфатиме дека мораме и треба да живееме со љубов едни со други за да изнаоѓаме решенија за сите проблеми.

– Нека им е оваа радост најголема, нека не се плашат да дојдат во божјите домови, нека ги исполнат и нека присуствуваат молитвено пред Бога, но и пред целиот свет, порача отец Сашо до православните верници.

Зборувајќи за нетрпението меѓу луѓето и како да најдат спас од него, наведе дека самиот Господ е смирение и никој не е поголем од Него.

– Христос дошол на овој свет токму за да ни го подари спасението. Човекот бил создаден за бесмртност, Господ не го остава човекот, затоа што го сака, Господ од љубов го создавал светот и човекот и од љубов повторно го спасувал. Затоа и му ветува спасител кој ќе дојде во светот и ќе го спаси.

Божјиот умострој бил таков што второто лице од Света тројца, бидејќи ние православните христијани јасно веруваме во еден Бог по битие троичен по лице, отец, син и свет дух, значи второто лице од Светата тројца е испратен во светот за да му го дари спасението. За да биде човекот спасен, самиот Бог земал човечко тело преку светата Богородица, но останал и понатаму Бог.

Човечкото во Христа било еднакво на секое човечко тело освен во гревот. Бидејќи божјата природа, којашто ја имал во себе, не го трпи гревот и не може да има грев. Токму затоа Господ дошол на земјата како вистински богочовек. Живеел како сите луѓе се до својата 30 година откако започнал со својата спасителна проповед до 33 и пол години кога пострадал. Умрел, погребан е и воскреснал како Бог. Токму затоа Господ ни донел смирение, порача отец Сашо.

Според него, каде и да го бараме мирот, каде и да ја бараме љубовта надвор од Бога, ние нема да ја најдеме. Секојпат, вели тој, ќе налетаме на нешто друго, но не на мир и на љубов.

– Бог е љубов, вели Светото писмо и ако сакаме да имаме љубов меѓу нас луѓето, љубов треба да имаме прво кон Бога, а потоа и кон сите браќа и сестри, како што рекол Господ Исус Христос. Ако тоа не им го правите на овие браќа тука на земјата исто како да не сме го направиле и на Бога, токму затоа ќе одговараме на страшниот суд кога ќе дојде Христос по втор пат, истакна отец Сашо.

Тој рече дека искушенија во светот секојпат имало и ќе има.

– Сега искушенијата се многу поголеми, заради умножувањето на нашиот грев и заради човештвото коешто не сака да се покае, но сепак Господ е милостлив, секој пат ќе изнајде начин во секоја тегоба таа да пројде и повторно да се помине на оној живот којшто треба, но тој напор треба ние луѓето да го направиме, повеќе да се вратиме кон Бога, други нешта не бара Бог од нас.

Само него да му богоугодиме и да им угодиме на сите луѓе околу нас, штом ќе го направиме тоа ќе имаме мир прво за самите себе, да не бараме мир во другите, ако не го добиеме мирот во себе. Мир ќе имаме со Бога и со сите наши браќа и сестри, вели отец Сашо.

Тој ги повика верниците во православославните храмови да го прослават најголемиот христијански празник, Велигден, бидејќи Христовото воскресение е настан над настаните.

– Господ е животодавец, Господ со своето воскресение ни покажува дека и нас ќе не воскресне, тоа ни го ветува при второто Христово доаѓање и нашата вера е во Христа воскреснатиот. Ние знаеме дека Христос по втор пат ќе дојде и на сите ќе им суди. Токму затоа тоа е нашиот, не само идеал, туку повеќе од идеал. Тоа е нашиот живот. Знаеме дека ако го живееме добродетелно ќе го наследиме Царството божјо и ќе бидеме поблиску до Бога, порача отец Сашо.

Во однос на тоа како оваа година ќе биде одбележан најголемиот христијански празник, отец Сашо рече оти тоа ќе биде како и секоја година, свечено, воскресенски.

Тој посочи дека во сабота навечер во 23:00 започнуваат со богослужба, а потоа опходот околу црквата, трипати во чест и спомен на тридневното Христово воскресение, а кога тоа ќе заврши се читаат стихирите воскресенски се објавува воскресението Христово.

– Кога ќе се објави воскресението Христово започнува света литургија и на литургијата сите оние кои се подготвени во текот на постот се причестуваат. Утредента имаме во Соборниот храм во Скопје уште еднаш литургија, Златоустова литургија на која ќе богослужи архиепископот охридски-македонски заедно со служители.

Очекуваме посета на верниците. Добредојдени се, нека повелат на оваа наша заедничка радост, бидејќи ако Христос не воскреснеше празна ќе беше проповедта на апостолите, празна ќе беше верата на сите христијани во овие 2000 и нешто години, но Христовото воскресение ни дава живот, ни дава надеж, ни дава поуспешна вера, вели отец Сашо.

Околу мерките, поради ситуацијата со Ковид-19, отецот рече дека верниците треба да бидат внимателни и оти после две години веќе знаат како да се заштитат.

– Веќе знаеме како и да се претпазиме, знаеме како да се однесуваме, уште повеќе тоа го знаат верниците, но во секој случај мерки си постојат. Апелот на црквата е да се внимава, иако самата болест веќе е во смален обем и тоа ни дава веќе поголема надеж, но сепак треба да бидеме внимателни, апелираме на растојание меѓу верниците. Соборниот храм има доста место бидејќи како храм собира во долното плато околу 4000 верници и 2000 верници на галерија, така да сме подготвени во тој случај. Секојпат сме подготвени да ги дочекаме верниците. Ковид мерките ќе важат до оној момент до кога државата ќе објави дека ќе важат. И тие важат, како за сите така и за нас во црквата, истакна отец Сашо.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Ако мене ме гонеа, и Вас ќе ве гонат“: Значението на Велик Петок-најтешкиот и најтажниот ден, поради Христовите страдања

MИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Обвинителството во Солун започна истрага за упадот на изложбата на македонскиот сликар Андреевски

Редакција

Никој нема да одговара за утката за промоција на Македонија со фотографија од Германија

Редакција

Обвинителот Ристеми на судењето за „Рекет“: Јанева побара да не го „замрзнам“ станот на Главчев во случајот „Поштенска Банка”

Редакција