еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Трибина: Ако бугарската политика не нè признае, не би требало воопшто да се преговара

Трибина на тема „Македонскиот национален идентитет и процесите на евроинтеграција“ во однос на aктуелните проблеми во врска со македонскиот национален идентитет, како и неговите оспорувањата се одржа денеска во организација на Здружението на ветарани и резервисти од одбраната и безбедноста во Домот на Армијата.

Темата, како што информира проф. д-р Илија Ацески, член на Здружението и претседател на Комисија за традиции, е македонскиот идентитет во услови на процес на евроинтеграција, како еден локален сегмент на процес на глобализација, но и, како што кажа, и што е тоа што денес, после неколку години интензивни расправи, е провоцирано од страна на Бугарија.

– Ако ги исклучиме некои стратешки прашања, кои се протегаат со години наназад во однос на Македонија, отсуствува еден сегмент што многу малку е третиран во нашата јавност, но и во науката, социјалните науки и пошироко, а тој е поврзан со колективната меморија.

Всушност, тоа што го бара Бугарија од Македонија не можеме да го сретнеме никаде во светот, ниту да го најдеме во ниту едно од тие сериозни научни истражувања, вели Ацески.

Тоа, според него, го поставува прашањето зошто Бугарија го прави тоа.

– Има еден многу краток одговор, јас се надевам дека ќе се покаже еден излез од оваа ситуација, дека Бугарите мора да го исперат тоа што стотици години наназад го тврдат за Македонија и Македонците дека ова е нивна територија, дека Македонците се вештачка нација.

Сите нации се вештачки, но ние сме создадени во еден миг во 44-45 година, некоја комунистичка творба, дека такво нешто не постои, но тие за да ги очистат сега својата совест и свест, своето разбирање, претпоставете еден обичен Бугарин, кој е во една колективна меморија, стотина години наназад ги тврди тие ставови дека нема Македонци, итн., посочува Ацески.

Од друга страна, додава, другата меморија, проектира меморија којашто е врзана за нас Македонците, дека ние сме навистина посебен народ којшто има своја историја и дека своите корени ги бараме длабоко во минатото.

– Ова што се случи со Грција, е еден сегмент, но тоа не може да ја избрише колективната меморија. Да завршам со една реченица. Ако Бугарија, бугарската политика нè признае, се согласи со тоа дека има Македонци во почетокот на 20 век и дека македонската нација се формира како секоја друга во Европа и пошироко тогаш ние можеме да разговараме за кој било од македонските дејци, да чествуваме заеднички некакви настани. Сè до тој момент ако таа не се помири со тоа, не би требало воопшто да се разговара. Секој друг разговор, дискусија или преговори е апсурдно за нас и непожелно, потенцира Ацески.

Проф. д-р Темелко Ристески, претседател на Здружението на ветарани и резервисти од одбраната и безбедноста, нагласи дека секое оспорување на најважните елементи и карактеристики, како што е јазикот и други елементи, претставува апсурд.

– Здружението на ветерани и резервисти од областа на одбраната и безбедноста секоја година организира по неколку трибини на разни теми актуелни за прашањата на одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија.

Денешната наша тема е „Глобализација, идентитет и евроинтеграции“ со тоа што поентата ќе биде на aктуелните проблеми во врска со македонскиот национален идентитет, оспорувањата на тој идентитет, македонската нација е автохтона нација со свој автохтон историски развој, автохтоно потекло, автохтон македонски јазик, автохтони национални карактеристики и секое нејзино оспорување на нејзините важни елементи и карактеристики, како што е јазикот и други елементи, претставува апсурд, посочува Ристески.

За жал, според него, тие апсурдни тврдења ги слушаме од некои политичари од нашето соседство и од некои луѓе од науката.

– Нација не се прави со декрет, од некоја друга нација, односно некој друг народ како што не се прави дете со извод од матична книга, туку нацијата се создава низ долг процес на еволуција на одреден географски простор во одредени географски карактеристики, ги носи сите карактеристики од тој простор, процес на еволуција, а не да се прави со декрет како што тврдат некои од нашето соседство, заклучи Ристески.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Надворешниот бруто долг на Македонија стигна до речиси 10 милијарди евра

Редакција

БИМ Свети Николе ги објави платите на менаџментот

Редакција

Шест скопски општини се со над 100 заболени од корона вирусот, во Чаир бројката се искачи на 336

Редакција