еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

САД и Македонија за Стратешкиот дијалог: Силно сме фокусирани на продлабочување на билатералното партнерство

Владите на Македонија и на САД објавија заедничка изјава по повод првиот состанок од процесот за Стратешки дијалог меѓу двете земји, што се одржа вчера во Вашингтон во која се истакнува дека дијалогот е фокусиран на продлабочување на билатералното партнерство.

Како што соопштија од владината прес-служба, во заедничката изјава се потврдуваат силните односи меѓу двете земји и се изразува задоволство за унапредувањето на заедничките приоритети за безбедност и просперитет на билатерален план, на европскиот континент и во целиот свет.

Соединетите Американски Држави и Македонија, во изјавата ја истакнуваат нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина изборот за европска иднина и ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната и целосно да се повлече од Украина.

-Соединетите Американски Држави и С.Македонија со оваа изјава ја потврдуваат посветеноста на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на регионот.

Соединетите Американски Држави ја истакнаа важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.

Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, како и намерата на Македонија да стане членка на Иницијативата Три Мориња, стои во изјавата.

Соединетите Американски Држави, се наведува во изјавата, со нетрпение очекуваат да ја поддржат работата на Македонија со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година.

Во однос на одбраната и безбедноста во заедничката изјава САД и Македонија ја истакнуваат стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност.

Соединетите Држави, понатаму, оддаваат признание за достигнувањата на Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината сајбер-безбедност и сајбер-одбранбени капацитети.

Соединетите Американски Држави честитаа на развојот на Центарот за воена обука Криволак во Македонија за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО.

САД и Македонија ја потврдија својата соработка во рамките на САД – Јадранската повелба (А5), и со нетрпение ја очекуваат тесната соработка за време на претстојното претседавање на Македонија со Повелбата во 2023 година.

На планот на енергијата и животната средина двете земји во заедничката изјава ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени.

САД и Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, САД и  Македонија ја потврдија својата посветеност да ги прошират образовните, културните и професионалните размени кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете нации и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели.

САД го истакнаа како особено значајно приклучувањето на Македонија во Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот како полноправна членка во 2022 година.

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на обврските од Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден.

Поздравен е интересот на Македонија да стане земја партнер во Глобалната програма на САД за заштита на царинската и гранична безбедност.

Во заедничката изјава по повод почетокот на процесот за Стратешки дијалог, двете земји ја потврдија заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и трговска соработка.

Во изјавата се посочува дека САД ја препознаваат Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок потенцијал за раст.

Македонија и Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги искористат трговските потенцијали, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

Делегацијата на Македонија во Вашингтон ја предводи шефот на дипломатијата Бујар Османи кој на средбата со државниот секретар Ентони Блинкен му се заблагодари за гостопримството и исклучителната организација на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, истакнувајќи дека ова е важен ден за Македонија.

–Отпочнувањето на стратешкиот дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија претставува значајна пресвртница во нашите севкупни билатерални односи и мислам дека е логичен чекор напред по 30 години воспоставени дипломатски односи и 15 години стратешко партнерство, а особено две години Сојузништво во НАТО, истакнал Османи.

Според Османи, како што соопшти МНР, овој моментум ќе отвори ново поглавје на соработка и ќе ја врами севкупната соработка на двете земји.

–Ова е особено важно сега кога нашите вредности се оспорени; и ние земјите кои припаѓаме на демократскиот свет, кои споделуваме исти вредности, треба да бидеме тесно координирани за да се справиме со тие предизвици, рекол Османи.

Тој оценува дека врв на билатералната соработка беше нашето членство во НАТО и изрази благодарност за поддршката што САД ни ја даваат.

-Тоа беше прва и најважна стратешка цел за Северна Македонија. Се трудиме овие две години да бидеме додадена вредност не само за Алијансата туку и во нашиот регион како конструктивен партнер на НАТО, додава Османи.

Тој се заблагодарува на САД и за поддршката во аспирациите на Македонија за членство во ЕУ, нагласувајќи дека ќе продолжиме да работиме заедно во надминување на споровите што ги имаме за да станеме членка на ЕУ и да го туркаме целиот регион во евроатлантско закотвување.

Задоволство од иницирањето на Стратешкиот дијалог и од страна на државниот секретар Блинкен.

-Ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше Северна Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме. Силно ги поддржуваме амбициите на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме, рекол Блинкен.

Американскиот државен секретар се осврнал и на руската агресија во Украина.

-И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина. Бевте во Киев во еден од деновите кога разговарав со нашиот пријател Дмитро Кулеба, тамошниот министер за надворешни работи, со нетрпение чекам да разменам мислења со вас за тоa, заклучил Блинкен.

Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јанакиески и Ристоски нападнати во затворот Шутка

Редакција

Западот во „војна“ со ТикТок: Дали критиките се оправдани?

Редакција

Нови 521 случаи на Ковид-19, починати три лица, едното на 48-годишна возраст

Редакција