еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Францускиот предлог носи бројни ризици и е преседан, Владата да не молчи, порачаа од ЕПИ и ИДСЦС

Исклучително раното внесување на бугарската заедница во Уставот, што би можело да се искомплицира во текот на преговорите, начинот на кој тоа ќе биде толкувано од страна на Бугарија, како и механизмите што се вградени во тековниот неофицијален „предлог“ на француското претседателство, се дел од клучните ризици во неофицијалниот документ, оценуваат од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ), кои денеска го презентираа документот „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Панел-дискусија: Македонија не смее да подржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност

Како што истакна Симона Кацарска од ЕПИ, презентацијата на документот и панелот имаат за цел да се процени каков е овој „француски предлог“, иако неофицијален, што е на масата и да се види како би требало да се продолжи понатаму од страна на нашите носители на одлуки.

– Очигледно е дека се вградува механизам за спроведување на дел од договорот и се говори, она што знаеме значи, за билатерален протокол во којшто немаме увид. Исто така, очигледно е дека имаме многу малку информации во однос на тоа што се говори, за што се дискутира и би било добро македонското општество да биде подобро запознаено со дел од овие документи, рече Кацарска во изјава за медиумите.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски вели дека појдовната позиција во документот којшто го одработија со ЕПИ е дека не сакаме да прифатиме и не треба да прифатиме процес за којшто нема општествено-политички консензус, односно поширока поддршка.

– Во таа смисла нашето општество се уште не е запознаено што се преговара, односно знаејќи само дел од целата приказна за неофицијалниот „француски предлог“, ние, исто така, не знаеме што има во протоколот. Ги повикувам партиите, опозицијата и пред се Собранието да се одважи и во функција на тело каде што е застапен суверенитетот на граѓаните, уште денеска да побара седница на која што ќе се разгледа францускиот предлог, како тој одговара на резолуциите донесени од Собранието, но исто така и да имаат увид во протоколот којшто може многу од работите да промени или да влоши во најлоша ситуација од она што е дефинирано во предлог преговарачката рамка од страна на француското претседателство со ЕУ, рече Трошановски.

Тој нагласи дека она што е многу важно е дека Владата не смее да остане нема, очекувајќи дека земји членки на ЕУ ќе го заштитат нашиот преговарачки процес поради внесување на билатерални спорови, што, според него, е погрешна стратегија.

– Имено, доколку ние самите прифатиме, односно со молкот, одобруваме внесување на билатерални прашања и бугаризација на самиот процес, не верувам дека многу земји членки или воопшто дали која било, ќе се противи на тоа, како што беше претходно случај со Чешка и Словачка, особено во контекст на ургентноста на моментумот и кризата во Украина, при што на ЕУ и е потребен итен успех на Западниот Балкан и неговата перспектива од аспект на европското проширување.

Во делот на самиот предлог, голем дел во него е реално штетен. Сметаме дека барем она што може да се спаси е нашата Влада да биде час поскоро што погласна и да побара корекции во неколку аспекти. Првенство тоа е во делот на улогата на Комисијата, како тело коешто треба да врши надзор врз акцискиот план.

Ова е преседан којшто досега никогаш не се случил, иако некои велат дека топката се префрла од Софија во Брисел, сепак Софија ќе има значително голем удел во изготвувањето на тие прогрес извештаи, со коишто ЕК ќе треба да кажува дали ние напредуваме или не во спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија, смета Трошановски.

Друг аспект, според него, е во делот на јазикот којшто ни е исклучително важен. При тоа унилатералните декларации, односно изјави од земјите коишто треба да се приклучат на општата изјава на ЕУ, стануваат дел од целиот преговарачки процес.

И проблематизирањето коешто евентуално би се вградило во нив, особено од бугарска страна на македонската етнолингвистичка генеза, а очекувано не ни гарантира дека во иднина таа декларација нема да биде злоупотребена во оценување повторно на нашиот прогрес во преговарачкиот процес и јазикот повторно нема да стане еден од условите за напредокот на земјата.

Во делот на воведувањето на акциски план, односно механизам за заштита од дискриминација и заштита на правата на малцинствата и заедниците, во него спорни се формулациите што се подразбира под говор на омраза и дискриминација кои, нагласува тој, мора да бидат многу прецизно дефинирани согласно меѓународно-правните стандарди.

– Вака општо, како што е сега во францускиот предлог, се остава голем простор повторно за слободно толкување и да речеме да се следат Фејсбук натписи или, не дај боже, графити по фасади, како доказ за говор на омраза или дискриминација кон заедниците во оваа земја, особено што веќе постојат голем дел на механизми во нашата земја коишто гарантираат заштита и значително ги унапредуваат правата на малцинските групи и заедниците, подвлекува Трошановски.

Запрашан за тоа дали треба ние да побараме заштита на македонското малцинство во Бугарија, Трошановски одговара потврдно, но вели дека реципроцитетот очигледно не функционира и нема ниедна основа во овој предлог којшто се базира на некаков реципроцитет.

Компромисот односно преговорите сами по себе, посочува тој, подразбираат реципроцитет, но гледаме дека ЕУ барем од досегашното искуството со овој процес, особено со „францускиот предлог“, не го зема предвид тој аспект.

На прашањето дали во „францускиот предлог“ би се очекувале резултатите од Договорот за добрососедство, односно, дали тоа ја подразбира и работата на Мешовитата комисија за историски прашања, Трошановски вели дека токму тој аспект е замаглен во „францускиот предлог“ и затоа треба да се види протоколот и акцискиот план што треба да следи и во којшто треба да има ефективни механизми за следење, како и да се види на каков начин е регулирана работата на Историската комисија.

– Ако, да речеме хипотетички, до септември 2023 ние треба да се договориме што е Гоце Делчев и тоа да биде услов за преговори, тоа е апсолутно неприфатливо, нагласува Трошановски.

За Кацарска, со вметнувањето на малцинските прашања, ЕУ влегува во нешто што не е „нејзина територија“, бидејќи тие се во доменот на Советот на Европа, а ЕУ  нема регулирани стандарди за овие прашања, а особено немаат Франција и Бугарија.

Така со овој предлог се задира во области каде што не би требало и се креираат преседани, пред се и со Историската комисија, доколку влезе преку протоколот и со малцинските прашања коишто можат да бидат многу ризични за проширувањето на ЕУ во иднина.

На панел дискусијата се обратија на Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени хуманистички науки, Никола Димитров, поранешен вицепремиер задолжен за европски прашања и министер за надворешни работи и Марјан Ѓорчев, претседател на Паневропското граѓанско движење.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Димитров: Францускиот предлог ја билатерализира преговарачката рамка и не нè носи кон членство во ЕУ

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Активни три пожари, вчера имало 27

Редакција

По 25 години донесен нов Закон за употреба на македонскиот јазик

Редакција

За Македонците влез во Црна Гора без ПЦР тест и без потврда за вакцинација

Редакција