Со свое видување на актуелните прашања поврзани со источниот сосед, на Фејсбук реагира академик Катица Ќулакова.
“Потсетник:
Ако една држава покажува историски, културни и јазични аспирации спрема историското, културното и јазичното наследство на друга држава, тоа значи дека таа има територијални аспирации.
Културно-историските аспирации се другото лице на територијалните аспирации.
Негацијата на идентитетот на едно културно-историско наследство е, де факто, негација на националниот идентитет.
Негацијата на националниот идентитет е негација на правото на државотворност и сувереност.
Вклучувањето на едно невидливо малцинство (бугарското) во македонскиот Устав како државотворно, значи релативизирање на државотворната улога и статус на мнозинскиот народ (македонскиот).
Невклучувањето на многубројното македонско малцинство во бугарскиот Устав не само што не е цивилизиран потег, туку е потврда на еден константен политички и културен хегемонизам.
Не може меѓународно нелегитимни и културоцидни критериуми да бидат предуслов за добивање државјанство. Етничкото потекло е само еден можен, но не и еднинствен, ниту пресуден чинител за добивање нечие државјанство. Етничката припадност е прашање на лична, колективна и суверена волја, свест и традиција, а не последица на административни притисоци. Но, и таквите административни притисоци се показател за еден опсесивен сон…
Националистичките платформи и негаторските рамковни позиции се облик на политички колонијализам. Тие се ѓаволски круг од којшто може да се излезе само со соодветна терапија, а не со продлабочување на патолошката состојба“, пишува таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Радев бара Бугарите во Македонија да не бидат малцинство, туку народ: Нема време да се крене ветото
Францускиот предлог носи бројни ризици и е преседан, Владата да не молчи, порачаа од ЕПИ и ИДСЦС
Ристевска – Јорданова за францускиот предлог: Прекинување на ветотото или бугаризација до недоглед?
Фото: Ќулакова/Фејсбук