Пораки против францускиот предлог, апел да не се потпишува и барања за оставки се слушаа на синоќешниот протест пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“.
Официјално немаше организатор, но беше поддржан од политички партии и граѓански организации кои сметаат дека предлогот од Франција е исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.
Говорниците – јавни личности, новинари, професори и претставници на здруженија ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.
-Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата… Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина, беше порачано на протестот.
Според учесниците, негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ, ниту правило меѓу државите членки.
-Да живее Македонија и никако капитулација… беа дел од пораките на протестот кој траеше час и половина и заврши без инциденти.
Учесниците најавија дека против прифаќање на францускиот предлог ќе излезат и денеска на исто место и во исто време.
Протестот го поддржа и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски пред почетокот изјави за медиумите дека „нам не ни треба Европа ако треба да се асимилираме“.
– Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство, рече Мицкоски.
Владата завчера го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Весна од СДСМ и Весна од ВМРО-ДПМНЕ рекоа НЕ за „францускиот предлог“ пред Влада
Малинка Ристевска Јорданова за „францускиот предлог“: Не треба да остане не
МИА/Фото/видео: ВМРО-ДПМНЕ