Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) претстави серија слики што го откриваат потенцијалот на „Џејмс Веб“, досега најголемата и најмоќна вселенска опсерваторија пуштена во употреба.
Се смета дека напредните технологии со кои е оспособен овој телескоп ќе го променат начинот на кој луѓето ја гледаат вселената.
На настан во вселенскиот центар „Годард“ во Мериленд, а кој беше пренесуван во живо на Јутјуб каналот на НАСА, официјални лица и претставници на агенцијата споделија сцени снимени во првите недели од работата на „Веб“, лансиран во декември.
Опсерваторијата, наместо околу Земјата како претходниот вселенски телескоп „Хабл“, кружи во орбита околу Сонцето на растојание од 1.5 милиони километри од нашата планета.
Четири слики ја прикажуваат небулата Карина, потоа снимка на четири галаксии наречена Квинтет на Стефан, атмосферски отчитувања од планетата ВАСП-96б која кружи околу далечна ѕвезда и сцена од планетарната небула Јужен Прстен.
Вселенскиот телескоп и мисијата се дело на НАСА, а учествуваа и Канадската вселенска агенција (КСА), како и Европската вселенска агенција (ЕСА).
МИА/Фото/видео: НАСА