МВР ќе ги преземе сите мерки за да обезбеди безбедност на пратениците и на законодавниот дом, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на Граничниот премин Табановце каде присуствуваше на промоција на кампањата „Вози одморен“.
Министерството, рече Спасовски, ги прави потребните анализи, ги собира потребните податоци и информации, како што потенцираше, во однос на можните случувања коишто би биле во текот на одржувањето на седницата.
Тој рече дека законодавниот дом е храм на демократијата и дека таму треба да се изнесат сите ставови, преку дебата на народните избраници да се носат решенија.
– Секако дека протести, јавно изразување на својот став, мислење итн., е демократска вредност, демократско право, меѓутоа тоа мора да биде и на демократски начин. Демократијата не подразбира анархично однесување, напротив демократијата подразбира однесување во рамките на законот.
Апелирам до сите, пред сè до организаторите на овие собири, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ заради тоа што имаат испратено допис пред неколку дена како организатори на тие собири, секако тука се и други политички структури како Левица итн., здруженија на граѓани да направиме сè на мирен и достоинствен начин да поминуваат сите овие собири, изјави Спасовски.
Тој се заблагодари за воздржаноста и демократскиот дух на протестите последниве денови, но и порача дека МВР е подготвено да одговори на каков било безбедносен предизвик со кој ќе се соочи. Апелираше до учесниците на протестот мирно и достоинствено да го изразат својот став.
– Така што не би сакал апсолутно да правам никаква корелација којашто вие ја споменувате со 27 април. Тоа беше еден црн ден во македонската демократија, ден кога имаше обид да се изврши убиство на пратеници, да се влезе во законодавен ден итн. и тоа треба да ни биде само поука како понатаму треба да се движиме.
Така што апелирам до сите на мирен и демократски начин да го изразат својот став, а демократската дебата да се води внатре во институциите на системот, односно да се води во Собранието, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој повтори дека имаат податоци, информации, за како што нагласи, како се подготвуваат одредени групации за менување стратегии, дека сите прибрани податоци се анализираат и се подготвува план за гарантирање на безбедноста и спокојство кај граѓаните.
– Не, имаме информации, имаме податоци за тоа што подготвуваат, како се подготвуваат одредени групации во рамките на сите овие организации и организатори коишто ние ги случуваме за менување на нивни стратегии итн., меѓутоа сите тие податоци, информации се анализираат и на основа на тоа се подготвува целиот тој план којшто треба да гарантира безбедност и спокојство кај граѓаните, изјави Спасовски.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за внатрешни работи, рече дека на протестите за девет дена од протестите имало повредено 54 полициски службеници, од кои како што наведе, 11 беа потешко, девет имале потешки повреди, двајца посериозни повреди и биле хоспитализирани.
Спасовски апелираше до граѓаните достоинствено да се однесуваат кон државата, кон полициските службеници кои го чуваат редот, безбедноста и спокојството. Укажувајќи дека безбедноста не е нешто имагинарно, дека ја чуствуваат граѓаните за сето она што се случува во државата, прослави, настани, во сообраќајот итн., тој уште еднаш повика да не се напаѓаат службениците кои го чуваат Уставот, мирот, стабилноста на граѓаните.
– Ме прашавте за споредба да направиме во делот на „Шарената револуција“. Знаете дека 2015 година таа „Шарена револуција“ траеше некаде околу два месеци. Тогаш имавме вкупно повредени 13 полициски службеници со полесни повреди.
Така што, апсолутно не е добро ниту еден повреден полициски службеник. Затоа е важно да политичките субјекти, организаторите на овие протести се однесуваат одговорно и своите политички цели да ги остваруваат преку демократски и политички механизми коишто стојат на располагање, рече Спасовски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека во државата има хибридни напади, меѓу нив и ширење лажни вести, пропаганда.
– Јас дадов изјава во којашто кажав и денеска потврдувам дека постојат многу хибридни напади врз С Македонија и посебно во моменти кога се одлучува за иднината на оваа држава. Тие хибридни напади, еден од механизмите е и ширењето на лажните вести, ширењето на пропагандата, пред сè во креирањето на јавното мислење.
Така што, сакам секој еден да ги тргне рацете од С Македонија. Ние сме тие коишто треба да одлучуваме самостојно за нашата иднина и за нашата судбина. Така што кој било, дали се тоа руски претставници, дали се било какви претставници, тие треба да си ја гледаат својата работа.
Секако дека нашите служби активно работат, соработуваат, разменуваат информации, се со цел да се зачува целосно безбедноста на нашата земја, изјави Спасовски.
МИА