Не за францускиот предлог и за ултиматуми, не за менување историја и на учебници, се дел од пораките од протестниот марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“ што вечерва заврши пред Собранието.
Пред Парламентот некои од учесниците во протестот поставија шатори и најавија дека ноќта ќе ја поминат таму.
Протестот почна пред Владата, продолжи кон Министерството за надворешни работи, по што учесниците во протестот се упатија пред Собранието.
– Не, не, не….. Слободна ја сакаме, не сакаме протекторати. Не за францускиот предлог. Ова се историски моменти, се бориме за нашата држава. Ние сме горди Македонци и тоа така ќе остане. Оставка од Владата, порачаа граѓани кои учествуваа на протестот.
Ги повикаа сите млади да се приклучат на протестите и порачаа дека младите нема немо да стојат и да бидат, како што рекоа, неми набљудувачи.
– Активно ќе бидеме вклучени, да кажеме НЕ на францускиот предлог. Ние младите ќе бидеме водачи на овие процеси, порачаа на вечерашниот протест.
На протестниот марш беа и лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и членови од оваа партија.
На прашање од бугарска новинарка што ќе ѝ каже утре на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, Мицкоски одговори:
–Дека ова е Македонија и македонски народ со своја традиција, македонски народ, кој има своја култура и говори на македонски јазик.
Демонстрантите, на вечерашниот протест, поставија и гилотина пред Собранието.
Утре, како што беше најавено вечерва, протестот ќе почне во 12 часот, пред почетокот на собраниската седница, на која ќе се расправа за францускиот предлог.
МИА/еМагазин/Фото: Фејсбук/Мицкоски/Левица