На собраниската Комисија за надворешна политика денеска едногласно беа усвоени Предлог-законите за ратификација на Протоколите кон Северноатлантскиот договор на Кралството Шведска и Република Финска.
Поддршка за зачленувањето на двете скандинавски земји кон НАТО дадоа пратениците и од власта и од опозицијата, оценувајќи дека станува збор за две пријателски земји кои отсекогаш и давале поддршка на Македонија од нејзиното осамостојување, како и за нејзините евро-атлантски аспирации.
Според пратениците од опозицијата, со членството на Шведска и Финска во НАТО ќе се зајакне безбедносната архитектура во Скандинавскиот дел на Европа и тоа ќе претставува додадена вредност за Алијансата.
Пратеничката Соња Мираковска, од НСДП, поддржувајќи го потпишувањето на протоколите, изрази надеж дека утре тие едногласно ќе поминат и на пленарната седница.
По кратка пауза, пред Комисијата за надворешна политика, зад затворени врати, своите тези ќе ги презентира новоименуваниот амбасадор во САД, Зоран Попов.
Претставник на МНР, пред Комисијата, појасни дека поради чувствителните информации што треба да ги изнесе Попов се бара неговото излагање да биде затворено за јавност и ќе може да го проследат само пратениците кои поседуваат безбедносни сертификати.
Пред членовите на Комисијата предвидено е своите тези за дипломатските активности да ги претстават и новиот амбасадор во Канада, Агрон Буџаку, амбасадорот на Македонија во Кралството Норвешка, Дритон Куќи, новиот амбасадор во Република Словачка, Евгенија Илиева, како и вонредниот и ополномоштен амбасадор на земјава во Кралството Белгија, Методија Белевски.
МИА