еМагазин
Image default
ДОБРОСОСЕДСТВО ТОП СТОРИИ

(Фото) По пауза од 18 години за Илинден македонска државно-црковна делегација во „Прохор Пчински“

Претседателот Стево Пендаровски, кој со македонска државно-црковна делегација, по пауза од 18 години денеска на Илинден беше во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“ изјави дека е договорено во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи со Србија која ќе треба да ги договори идните прослави на 2 Август во манастирот.

По посетата на манастирот, каде положи цвеќе, Пендаровски им се заблагодари на српскиот претседател Александар Вучиќ и на поглаварот на СПЦ, Порфириј затоа што, како што рече, ни овозможиле после 18 години пауза да дојдеме на ова свето место и да го одбележиме најголемиот македонски државен празник.

-Ова е местото каде што е формирана современата македонска држава и знаете од различни причини не можевме да дојдеме тука и на ова место тука да го прославиме тој празник, па знаете, правевме некои алтернативни паралелни прослави во близина, меѓутоа не и овде каде што навистина е одржано историското заседание на АСНОМ.

Јас се надевам дека ова е почеток на една добра традиција во која 2 Август, тоа е нашиот втор Илинден, ќе го прославуваме тука и оттука натаму се разбира дека, како велат старите, со сите нишани ќе доаѓаме да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944 година, изјави Пендаровски.

Тој дополни дека со српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ договориле во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи, која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави.

– Со министерот Селаковиќ кој беше морам да кажам исклучително од помош во изминатите неколку недели за сите детали на оваа посета, договоривме во најскоро време да се формира работна група на ниво на министерства за надворешни работи која ќе треба да ги договори сите детали за идните прослави, рече шефот на државата.

Потсети дека Скопје и Белград имаат стар договор од 2000 година околу одбележување на културно-споменични обележја во двете земји.

-Мислам дека тоа можеби послужи како правна основа брзо да ја направиме таа работна група и за следниот пат да ги имаме сите оние обележја кои ги имало ова место во времето кога било одржано историското заседание.

Меѓутоа, морам уште еднаш да ги пофалам и да им оддадам почит на српските домаќини затоа што успеаја за рекордно кратко време оригиналната плоча која не можеа да ја најдат да направат нова со оригиналниот текст и пред која денеска се поклонивме, рече Пендаровски.

Прашан дали е разговарано да се обнови Спомен собата, рече дека би можело и оти е во таа насока, како и дека добиле уверување и од домаќинот на манастирот. Идејата, како што рече, е постојано да се слави празникот на ова место.

-Јас мислам дека идејата е не да дојдеме само оваа година, туку од оваа година натаму постојано тука да го славиме. Знаете, има нов контекст во политичките односи, ние никогаш не сме имале проблеми, меѓутоа меѓу црквите постоеја одредени проблеми кои се разрешени од мај оваа година и мислам дека тоа треба да го искористиме дополнително да го зацврстиме тоа и црковно и државно пријателство меѓу двете држави и двата народа.

Не верувам, такво уверување добив од моите домаќини, дека ова се случува само сега и дека е ПР-настан – сакаат само да се пофалат. Не, ова треба да биде еден камен-темелик, значи да положиме темелник на новите односи и во оваа смисла, оти ако не ги почитуваме светињите, ако не ги почитуваме светите места наши и нивни од нашето минато мислам дека немаме никаква иднина во билатералните односи, изјави Пендаровски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Поставено спомен обележјето за АСНОМ во манастирот Прохор Пчински

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лежеле на пругата: Товарен воз усмрти двајца мигранти во гевгелиско

Редакција

Во Крива Паланка убиен 76-годишен маж

Редакција

Левица бара да се отфрли „францускиот предлог“: Ги содржи сите негаторски бугарски барања

Редакција